Свет

Разорен земјотрес на Иранско-Ирачката граница – стотици загинати, илјадници повредени

Стотици загинати, илјадници повредени и разурнати гратчиња и села остави зад себе земјотресот од 7,3 степени по Рихтер, кој го погоди граничниот регион меѓу Иран и Ирак.

13.11.2017 17:47:28
Стотици загинати, илјадници повредени и разурнати гратчиња и села остави зад себе земјотресот од 7,3 степени по Рихтер, кој го погоди граничниот регион меѓу Иран и Ирак. Најпогодена е иранската провинција Керманшах каде и загинале најголем број луѓе, а локалните власти прогласија тридневна жалост. Дополнително, болницата во истоимениот град е премногу оштетена, па повредените мораат да се транспортираат во други градови што би можело уште повеќе да влијае на црниот биланс. 

Официјални лица велат дека бројот на загинати би можел и вртоглаво да расте затоа што спасувачките екипи се уште не се во можност да пристигнат во отсечените планински села. 

Земјотресот однел десетина живот и во соседен Ирак, поточно во ирачки Курдистан. 
Таму најпогоден е градот Дарбандиџан чија најголема болница исто како и во Керманшах е премногу оштетена и повредените се префрлаат во болници по други градови. 

Инаку по првиот земјотрес од 7,3 степени според Рихтеровата скала, имало педесетина последователни потреси со интензитет од 3,6 до 4,7 степени, а надлежните очекуваат да има уште. Епицентарот се наоѓал на 32 километра северно од градот Сарпол е Захиб и на 100 километри југоисточно од ирачкиот град Сулејманија

Земјотреси се речиси секојдневие во Иран иако ретко со оваа магнитуда. Последниот разорен беше во 2003 со магнитуда од 6,6 степени, кој го срамни со земја историскиот град Бам и однесе околу 30.000 животи.

Во меѓувреме, земјотреси од 6,5 и 5,8 степени по Рихтер ги погодија и Костарика односно Јапонија но без разурнувања и жртви.


Aндреј Василевски