Балкан

Српскиот министер Ѓорѓевиќ и амбасадорката на РМ во посета на македонските општини во Србија

Министерот за труд, вработување и социјални прашања Зоран Ѓорѓевиќ со македонската амбасадорка во Србија Вера Јовановска Типко ги посетија општините Пландиште, Панчево и Јабука, во кои Македонците се најбројни во Србија, со цел унапредување на прават

12.11.2017 15:56:55

Министерот за труд, вработување и социјални прашања Зоран Ѓорѓевиќ со македонската амбасадорка во Србија Вера Јовановска Типко ги посетија општините Пландиште, Панчево и Јабука, во кои Македонците се најбројни во Србија, со цел унапредување на правата на националните малцинства, родовата нееднаквост и насилството врз жените.

Во Јабука во близина на Панчево, каде што има најмногу жители од македонската националност, Ѓорѓевиќ рече дека од 2014 година Србија ја поставила целта да изгради мултиетничко општество на највисоко ниво, во кое сите национални малцинства ќе имаат еднакви права.

- Со Македонија сакаме заеднички да аплицираме во различни проекти и со тоа да ги унапредиме двете земји, за заедно, кога ќе бидеме во Европската унија, да продолжиме со оваа соработка, а се со цел да ја подобриме материјалната позиција на нашите граѓани и да ги подобриме условите за живот во сите области, посочи Ѓорѓевиќ.

Тој додаде дека двата народа ги врзува иста историја, кој нималку не е лесна.

На трибината во Пландиште, единствената општина во која македонскиот јазик е рамноправен со останатите јазици, Ѓорѓевиќ говорејќи за унапредување на родовата еднаквост, истакна дека Србија е на високо ниво во тој поглед.

- Сакаме да ја промовираме родовата еднаквост на најдобар можен начин и да тежнееме да не се правиме разлика помеѓу жените и мажите, туку да зборуваме за нив само како за луѓе. Позицијата на жените во Србија веќе е на завидно ниво и се надеваме дека секој ден ќе биде уште подобра, што е задача на сите нас, истакна Ѓорѓевиќ.

Македонската амбасадорка во Србија Вера Јовановска Типко, изјави дека со Србија е потврдена заедничката иницијатива за заеднички проекти помеѓу ресорните минитерства за искористување на социјалните фондови на ЕУ. Таа исто така, оцени дека унапредувањето на родовата рамноправност и борбата против семејното насилство се клучни и чувствителни теми во општеството, за кои треба многу повеќе да се дискутира.

- Мораме да ги елиминираме стереотипите што постојат кога станува збор за правата на мажите и жените, да се промовира женското претприемништво и да се спречи дискриминацијата, бидејќи единствено така можеме да станеме вистинско демократско општество. На сите полиња имаме простор да учиме едни од други, наведе македонската амбасадорка.

Таа истакна дека почитувањето на различностите и на националните малцинства е нешто за што треба да се стремиме.