Економија

Владата го усвои рекордно тешкиот буџет за 2018

Зголемена акциза на дизелот од 3 денари за финансирање на повисоките плати во армијата, здравството и образованието, намалени субвенции за земјоделците, помала сума за капитални инвестиции.

10.11.2017 17:42:32
 Зголемена акциза на дизелот од 3 денари за финансирање на повисоките плати во армијата, здравството и образованието, намалени субвенции за земјоделците, помала сума за капитални инвестиции, како и половина милијарда евра само за трансфери до пензискиот фонд – Владата го усвои Предлог - Буџетот за наредната година. Иако бизнис заедницата излезе со бројни предлози за измени, особено во делот на акцизата, Владата не ги прифати. Превозниците кои ќе бидат најмногу погодени од овој потег побараа рефундирање на акцизата, а земјоделците, зголемувањето да не важи за нив.

Заев тврди дека нема да се зголемува стапката на данокот на добивка, но ќе се работи на механизми за фирмите да не можат да прикажуваат намалена основица за пресметка на овој данок. Промените во делот на данокот на добивка и персоналниот данок се планирани за 2019 година. 

Предлог Буџетот е скроен врз основа на проекции за економски раст од 3.2%, инфлација од 1.7% и дефицит од 2.7% од БДП. Буџетската дупка ќе се покрива од домашни извори, но и преку издавање на еврообврзница. Заев вели дека условите во моментов биле одлични и дека Владата ќе се обиде да се задолжи по најповолни услови.

Во буџетот извисија и земјоделците. Иако ветуваше 160 милиони евра за субвенции и рурален развој почнувајќи од 2018-та, сега премиерот најави дека оваа сума тие требало да ја добијат во годините при крајот на мандатот. За следната година предвидени се 136 милиони евра за оваа намена. 

И лекарите и наставниците не беа задоволни од најавите за зголемување од 5% на примањата, а се јавија и синдикатите кои обвинија за селективност и побараа покачување за вработените во повеќе сектори. Владата планира да потроши 57 милиони евра за патишта и железници, 36 милиони евра за гасификација, а во индустриските зони ќе се вложат 7 милиони евра. Инаку рекордно тешкиот буџет предвидува раст на расходите за 4.1% и на приходите за 4.7 отсто. 
Предлог буџетот за кој Владата тврди дека е за финансиска стабилизација на земјава, веќе е доставен до Собранието.


Тања Попова