Свет

ИД колабираше – ослободен последниот град под нивна контрола во Сирија

Исламска Држава крахира. Сириската армија, во координација со Иранската Републиканска Гарда, Хезболах и ирачките паравоени шиитски милиции го ослободи последното градче кое беше под контрола на Калифатот – пограничниот град Ал Букамал

09.11.2017 17:39:10
Исламска Држава крахира. Сириската армија, во координација со Иранската Републиканска Гарда, Хезболах и ирачките паравоени шиитски милиции го ослободи последното село кое беше под контрола на Калифатот – пограничниот град Ал Букамал. Под нивна контрола остануваат уште пар села и крстосници на пустински патишта кои се очекува армијата да ги исчисти до крајот на неделата или најдоцна до почетокот на идната. Џихадистите се повлекуваат, но немаат каде да бегаат затоа што паралелно со операциите на армијата под контрола на легитимната Влада во Дамаск, се чисти пограничниот појас од страната на Ирак, а малку посеверно во Сирија и од страна на курдските Сириски Демократски Сили поддржани од САД. 
Со ослободувањето на Ал Букамал, за прв пат од почетокот на сириската граѓанска војна, се отвори коридорот од Иран, преку Ирак и Сирија до Либан. 

Но, воениот крах на Исламска Држава не значи дека организацијата ќе престане да постои, согласни се експертите. Напротив, тие очекуваат нивните ќелии да се активираат и да продолжат да функционираат исклучиво како терористичка организација. 

Во меѓувреме, продолжуваат операциите и против останатите џихадистички групации, односно Тахрир ал Шам, ребрендираната Џабхат ал Нусра, која е сириски огранок на Ал Каеда како и против конгломератот исламистички паравојски кои ја сочинуваат таканаречената Слободна Сириска Армија. 
Сириската армија ги активираше борбите во провинциите Хама и Идлиб, по чие чистење, Сирија ќе биде речиси целосно ослободена. Сепак, на повидок е нов конфликт меѓу Владата на претседателот Башар ал Асад, кој најави дека со сите сили ќе се бори против тие што сакаат да отцепат дел од територијата на Сирија од една страна и курдите кои контролираат речиси една четвртина од сириската територија. Вистинскиот проблем лежи во поддржувачите на двете страни, имено Русија и САД, чиј судир во Сирија би можел да доведе до отворен глобален конфликт...   
 
Андреа Василевски