Црна хроника

Убиство во Аеродром - застрелано 25 годишно момче

Му пришле пред влезот од неговата зграда, го застрелале и веднаш побегнале оставајќи го пиштолот зад себе.

03.11.2017 22:13:14
 Му пришле пред влезот од неговата зграда, го застрелале и веднаш побегнале оставајќи го пиштолот зад себе. 4 до 5 куршуми завршиле во главата и во вратот на 25 годишното момче. Случајни минувачи притрчале да му помогнат и веднаш со автомобил го однеле во Градската хируршка болница, но било предоцна.

 Дежурниот јавен обвинител издаде повеќе насоки и наредби за преземање на потребни дејствија, меѓу кои за  прибавување на податоци, обезбедување на траги од лице место и за обдукција на починатото лице.
Соседите велат дека се се случило многу бргу - ги чуле истрелите и додека сфатиле што се случува се било веќе завршено.

 Неофицијално, убиството го извршиле двајца, а идентитетот на еден од нив и е познат на полицијата. Тие засега се во бегство.

 И додека нема никакви официјални информации јавноста веќе почна да плете приказни за целиот случај - дека убиеното момче наводно имало криминално досие и било поврзано со подземјето, но и дека неговиот брат неодамна бил назначен за командир во единицата Алфа. 

 Се шпекулира дека целиот инцидент може да е поврзан и со новата агенција за обезбедување која се појави неодамна а за која предупреди колумнистот Сашо Ордановски.

 Молкот во МВР ги подгрева ваквите приказни - за вечерашното убиство, пак, очевидците кои беа и премногу исплашени да говорат пред камера велат дека ги потсетило на Белград во 90-тите, дека им се чини како во Скопје да почнуваат да се случуваат мафијашки пресметки на сред улица и пред кафулиња.

Бисера Ловачвеа