Економија

Владата ќе полни рекорден буџет од близу 3,5 милијарди евра со повисока акциза за нафтата

За да се зголемат платите во армијата, здравството и образованието дополнително ќе се удри врз џебот на граѓаните – ова го содржи предлог буџетот за следната година.

02.11.2017 15:10:42
 За да се зголемат платите во армијата, здравството и образованието дополнително ќе се удри врз џебот на граѓаните – ова го содржи предлог буџетот за следната година. Владата одлучи да ја зголеми акцизата на нафтата за 3 денари догодина. Овој потег ќе резултира со раст на цената на дизелот и екстралесното масло за домаќинства за 3 и пол денари по литар. Иако од финансии очекуваат инфлација од 1.7%, министерот Тевдоски тврди дека ќе нема поскапувања на бројни производи и поголем раст на инфлацијата.

Повеќе пари во државната каса ќе се обезбедат и со зголемување на максималната основица за плаќање социјални придонеси. Досега оние со плата поголема од 12 бруто плати месечно плаќаа само персоналец. Оваа граница ќе биде подигната на 16 плати.

Министерството за финансии ќе потроши за 1.7% повеќе за плати. Се планираат за 10% повисоки плати за припадниците на армијата, за 5% во јавните здравствени установи, како и за вработените во градинките, основните и средните училишта, почнувајќи од септемвриската плата догодина. Ќе има 34 милиони евра повеќе за пензии, а со скоро 3 милиони евра ќе се решава проблемот на стечајците. 

За сметка на тоа капиталните расходи ќе потфрлат. Ако лани биле планирани на ниво од 433 милиони, сега се 400 милиони евра. Ќе се потрошат 57 милиони евра за патишта и железници, 96 милиони за гасовод, водовод, канализација и пречистителни станици, а во индустриските зони ќе се вложат 7 милиони евра. 

Бизнисмените, синдикатите и аналитичарите денеска излегоа со бројни забелешки до финансии околу предлог буџетот за догодина. Побараа повеќе пари за патишта, зголемување на платите во повеќе сектори, како и исплата на К-15 во јавниот сектор.

Буџетот за догодина е скроен врз основа на проекција за економски раст од 3.2% и дефицит од 2.7% од БДП или 295 милиони евра. Вкупните приходи од 3.14 милијарди евра се за 4.7% поголеми од 2017-та, додека вкупните расходи од 3.44 милијарди евра се повисоки за 4.1 процент. Буџетската дупка ќе се покрива преку издавање еврообврзница и од домашни извори. По давањето предлози од бизнис заедницата, предлог буџетот треба да биде усвоен од Владата до 15 ноември, а потоа ќе се гласа во законодавниот дом.


Тања Попова