Свет

Историска одлука – Шпанија ја суспендира Каталонската влада и го распушта парламентот

Шпанија одлучи да ја суспендира регионалната Влада на Каталонија, да го распушти парламентот во Барселона и да распише вонредни избори во рок од шест месеци.

21.10.2017 17:39:28
Шпанија одлучи да ја суспендира регионалната Влада на Каталонија, да го распушти парламентот во Барселона и да распише вонредни избори во рок од шест месеци. Шпанскиот премиер Маријано Рахој на пресконференција соопшти дека Владата нема намера да ја укине каталонската автономија но дека е принудена  да ја суспендира владата на оваа шпанска покраина како одговор на постапките на сепаратистичките регионални власти.

Одлуката е одговор на постапките на каталонската Влада, кои беа еднострани, спротивни на законот и со кои се бараше конфронтација. Се соочив со ситуација со каква не сум се соочил во сите мои години во политиката, но не можам да го изберам својот соговорник, изјави Маријано Рахој премиер на Шпанијa. 

Тој додаде дека шпанската Влада не сакала да го активира членот 155 од Уставот на Шпанија, за да ги расформира регионалните власти, но дека Мадрид бил принуден на овој чекор. Со тоа Шпанија практично ги обезглави каталонските сепаратисти и директно го презеде управувањето со Каталонија, најмалку до одржувањето на регионалните избори. Премиерот на Каталонија Карлес Пуџдемон во одговор на ваквиот чекор, најави дека вечерва, во 21 часот, ќе се обрати до Каталонците.

Каталонија одржа референдум за независност на први октомври, кој помина со бројни инциденти и судири меѓу шпанската полиција и сепаратистите. Повеќе од 40 проценти од граѓаните сепак гласаа за одвојување од Шпанија, по што каталонскиите власти најавија прогласување на независност, иако прво побараа дијалог кој беше одбиен од владата во Мадрид.


Бисера Ловачева