Култура

Почна 36.Скопски џез-фестивал

Со концерт на триото на австрискиот пијанист Давид Хелбок, добитник на наградата за исклучителен уметник на Австрија, вечерва во Македонската опера и балет почна 36.Скопски џез-фестивал.

19.10.2017 21:09:08

Со концерт на триото на австрискиот пијанист Давид Хелбок, добитник на наградата за исклучителен уметник на Австрија, вечерва во Македонската опера и балет почна 36.Скопски џез-фестивал.  

Организаторот го најави Хелбок како припадник на генерацијата џез-музичари кои функционираат по сопствени индивидуални насоки, поместувајќи ги границите радикално, повторно структуирајќи го нашето разбирање за тоа што е стара, а што нова музика. Сегашното трио на Хелбок минатата година го објави албумот „Into the Mystic" за престижната музичка куќа ACT.

На првата фестивалска вечер пред скопската публика гостува и големиот ансамбл од Норвешка – Трондхејм џез оркестра со Оле Мортен Ваган, кој важи за еден од најкреативните џез-состави во Европа. Важна карактеристика е флексибилната и променлива големина на оркестарот, кој во зависност од еден до друг проект се менува во однос на инструментацијата и големината. 

Во изминатите седумнаесет години оркестарот имал голем број возбудливи проекти со норвешки и други џез-музичари, како Чик Корија, Пет Метини, Џошуа Редман, Ерленд Скомсвол, Ејрик Хегдал, Софија Јернберг, Џени Хвал и Стијан Вестерхус. Музичарите вклучени во оркестарот се меѓу најпознатите џез-имиња од Норвешка, а Оле Мортен Ваган е еден од најбараните норвешки басисти и композитори. 

Триесет и шестиот Скопски џез-фестивал ќе продолжи во наредните три дена и до затворањето во недела ќе донесе изведувачи од Европа, САД и од Африка. Ексклузивно е утрешното гостување на Ди Александер од Чикаго, една од најдобрите џез-пејачки во светот, која во Европа доаѓа само за овој концерт. Покрај нејзиниот, утре во МОБ ќе биде и концертот на Интерзоне на Марио Ром од Австрија. 

Саботната е американска вечер и ќе има концерти на  две значајни имиња од САД – Марк Рибо со проектот „Јанг Филаделфијанс“ и Стив Колмен со легендарните Фајв елементс. 

На последната вечер в недела ќе гостува уште еден ансамбл од Норвешка - Пал Нилсен-Лав Ларџ Јунит кој ќе го затвори годинашниот фестивал, откако претходно во истата вечер во МОБ ќе настапи еден од најдобрите светски џез-пијанисти, Крег Тејборн, со својот квартет. На 22 октомври од 17 часот во кино „Фросина“ соло-настап ќе има Роберто Отавиано, познато име на италијанскиот џез. 

Скопскиот џез-фестивал годинава ќе има и два полноќни концерта - на 20 октомври ќе гостуваат афро-бит легендите Орландо Џулиус и Хелиоцентрикс, а на 21 октомври - Британецот Ентони Џозеф со својата група. Полноќните концерти се во Дансинг салата на Младинскиот културен центар.