Свет

Барние: Преговорите со Велика Британија се во ќор-сокак

Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние изјави денеска на прес-конференција дека преговорите со Лондон се наоѓаат во ќор-сокак.

12.10.2017 15:37:08

Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние изјави денеска на прес-конференција дека преговорите со Лондон се наоѓаат во ќор-сокак.

Според него, и покрај „конструктивниот дух“, направен е мал чекор со Велика Британија за време на петтата рунда преговори околу излегувањето на земјата од ЕУ, во март 2019 година.

Барние нагласи дека засега недостасува доверба и тоа може да биде постигнато доколку се исполнат британските ангажмани кон ЕУ. Тој објасни дека засега не се знае како Британија ќе ги исполни своите обврски кон буџетот на ЕУ.

- Не направивме голем чекор напред. Имаме заедничка цел, а тоа е да постигнеме договор за идна соработка. И покрај изјавата на премиерката Тереза Меј во Фиренца, оваа недела британската страна не понуди предлози за исполнување на буџетските обврски. Доволен напредок всушност значи да се постигне успех по сите точки од преговорите, потврди Барние.

Од друга страна, главниот преговарач на Велика Британија за Брегзит, Дејвид Дејвис ги повика лидерите на ЕУ на самитот во Брисел следната недела да преземат натамошни чекори и да се согласат околу „отклучување“ на трговските договори.

- Се надевам дека земјите членки на ЕУ ќе го препознаат напредокот што го постигнавме и дека ќе преземат уште еден чекор во духот на Тереза Меј од Фиренца. Подготвени сме за секакви сценарија, рече Дејвис.