Економија

Автопатот Демир Капија-Смоквица е готов, но ќе се отвори дури догодина

Фантастични 850 илјади евра ќе чини само дополнителниот надзор на изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица. Откако се пролонгираше рокот и за автопатот Миладиновци – Штип, вчера Владата одлучи дека ќе се потпишува анекс и на договор

11.10.2017 15:03:58
 Фантастични 850 илјади евра ќе чини само дополнителниот надзор на изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица. Откако се пролонгираше рокот и за автопатот Миладиновци – Штип, вчера Владата одлучи дека ќе се потпишува анекс и на договорот за изградба на оваа траса. Новиот рок за завршување на работите истекува на 28 февруари следната година но тиенема да бидат градежни. 

Според првичната проценка ќе треба да се обезбедат нови 850 илјади евра само за надзор. Со досега обезбедените пари конечно ќе треба да се дислоцира далноводот на МЕПСО, и да се изгради контролниот центар.

Зошто ќе се чека на пуштање на автопатот догодина кој инаку е готов од владата нема конкретно објаснување. Дека делницата е готова и по нејзе може да се вози, сведочат и видео записите кои се објавени во јавноста. На нив се гледа дека автопатската делница е целосно готова и безбедна за сообраќај.  
 
Со завршувањето на делницата, со што ќе се комплетира Коридорот 10, патот од Демир Капија до Гевгелија ќе се скрати од 40 на 15 минути возење. Делницата која почна да се гради во 2013-та, има две клучки, кај Миравци и кај Смоквица, два тунела долги по 1.200 метри, шест моста со должина до 100 до 500 метри, шест подпатника и два подпатника.

Инаку, слично и на овој проект, Владата го пролонгираше до септември следната година и рокот за изградба на автопатот Миладиновци - Штип, кој требаше да биде готов до мај оваа година. Со кинеската „Синохидро“ е договорено до 15 февруари следната година да нема меѓусебно наплаќање пенали. Изградбата на овој автопат чини 206 милиони евра.

Во моментов течат преговорите со „Синохидро“ за пролонгирање на рокот за изградба и на делницата Кичево – Охрид, како и утврдување на дополнителните трошоци. Според сегашниот договор, изведбата на автопатот требаше да чини 374 милиони евра.