Економија

Паѓа градежништвото - можни се отпуштања

Градежништвото продолжува да оди во надолна линија, а можни се и отпуштања. Бројот на вработени во секторот ќе се намали во следните три месеци.

10.10.2017 18:04:58
Градежништвото продолжува да оди во надолна линија, а можни се и отпуштања. Бројот на вработени во секторот ќе се намали во следните три месеци. Вака се изјасниле менаџерите во градежните компании во анкетата на Државниот завод за статистика. Тие сметаат и дека економската состојба е полоша во третиот во однос на вториот квартал. Најголемо негативно влијание имаат зголемените трошоци во работењето и намалената потрошувачка. И бројот на издадени одобренија за градење има надолна тенденција. Во август годинава бил помал за 6.8% во однос на истиот месец лани.

Негативните тенденции во овој сектор се поврзани и со драстично намалените активности во изградбата на трите автопати во земјава. Владата со анекси на договорите ги пролонгира роковите за нивна изградба, но се уште не се знае кога поинтензивно ќе продолжи реализацијата.

Инаку градежништвото во првиот квартал годинава падна за 6.3%, а во вториот за дури 17.3%. За овие шест месеци вкупните економски активности во земјава се намалија за 0.9%.
Лани градежниот сектор се зголеми за дури 18.5% и беше главната компонента која изѕида вкупен економски раст од 2.4% во 2016 година.