Економија

Поразителна статистика: Трошоците за живот растат, просечната плата паѓа

Животните трошоци растат, просечната плата паѓа, економијата е практично во рецесија. Македонија со најлоши статистички показатели на Балканот.

09.10.2017 17:40:12
Растат трошоците на живот. Се зголемиле за 1.7% во септември во однос на истиот месец лани. Најновите податоци на Државата статистика покажуваат дека најмногу поскапеле алкохолот и цигарите, за 6.7%, транспортот за 6.3% и комуникациите од 9.5%.

Од друга страна статистичарите измерија пад на просечната плата. Иако има благ раст на годишно ниво, таа во јули во однос на јуни била помала за 0.6%.

Сето ова е резултат на запирањето на вкупните економски активности во Македонија. Во првиот квартал имаше стагнација односно раст од 0%, а во вториот пад од 1.8%.

Додека сите соседи бележат економски раст, Македонија е практично во рецесија. Според економската теорија, една држава се смета дека влегла во рецесија, кога нејзината економија два квартала последователно бележи негативна стапка на раст. 

Со ова земјава е на последно место во регионот според сите показатели. Според tradingeconomics.com, реномираната интернет страница чии податоци се базираат на официјални извори од статистичките заводи на 196 земји, и која вклучува повеќе од 20 милиони економски индикатори, Македонија е единствената земја во регионот, и воопшто во Европа,  која бележи пад на БДП во второто тримесечје од годинава.

Борис Грујоски