Економија

Градежен факултет: нема пропусти во проектирањето на Кичево - Охрид

Нема пропусти во проектирањето на автопатот Кичево – Охрид – вели деканот на Градежниот Факултет. Тој вели дека работата била добро завршена, но никој не можел да предвиди каде ќе се појават подземни води или други проблеми под тлото во ридско - план

09.10.2017 17:27:33
 Нема пропусти во проектирањето на автопатот Кичево – Охрид – вели деканот на Градежниот Факултет. Тој вели дека работата била добро завршена, но никој не можел да предвиди каде ќе се појават подземни води или други проблеми под тлото во ридско - планинско подрачје. Градежниот институт информирал навреме за настанатите проблеми. Деканот напомена дека не се работи за промашена траса на автопатот, како и тоа дека излегле многу невистини во јавноста околу реализацијата на овој обемен проект.

„За таа траса е направен идеен проект, главен проект и се изведува онака како што е проектиран. Имаше изјави од новинари за подземно езеро  во тунелот  Пресека. Тоа воопшто не е точно, туку има подземна вода која ја има во секој тунел. Нема тунел во светот каде што нема подземна вода  и таа се собира на едно место за да може да се дренира надвор од тунелот “ - изјави Дарко Мославац, декан на Градежен Факултет.

Преговорите со кинеската компанија „Синохидро“ која меѓу другите го гради и автопатот Кичево – Охрид треба да завршат во најбрз можен рок за да забрза динамиката на изградба следната година – вели министерот Сугарески. Тој со „Синохидро“ ќе преговара за нов рок за завршување на делницата и за утврдување на дополнителните трошоци за изградба. Иако на почетокот на мандатот Сугарески рече дека автопатот ќе чини најмалку 120 милиони евра повеќе, сега не сака да шпекулира со бројки. Преговорите треба да завршат што поскоро, бидејќи токму во овој период се подготвува државниот буџет за следната година, а треба да биде наведено колку дополнително ќе чини автопатот, од каде ќе се обезбедат пари и под кои услови.

„Иако има шпекулации за над 140 милиони евра се уште не може да се  каже бидејќи се преговара. Не се откажуваме  од изградба на автопатот, но одговорност мора да има бидејќи станува збор за сериозна количина пари кои ќе треба да се обезбедат најверојатно од Буџетот на државата. Дали преку кредити или директно од Буџетот на РМ, факт е  дека автопатот мора да се гради исто како и автопатот Миладиновци – Штип“ – рече Сугарески.

Сегашниот рок за изградба на делницата Кичево – Охрид истекува на крајот на јануари следната година. Изградбата на автопатот долг 57 километри, почна во мај 2014 година, а според сегашниот договор, требаше да чини 374 милиони евра.

Владата го пролонгираше до септември следната година и рокот за изградба на автопатот Миладиновци - Штип, кој требаше да биде готов до мај оваа година. Иако претходно се тврдеше дека изградбата ќе чини плус 20 милиони евра, сепак, со кинеската „Синохидро“ беше договорено до 15 февруари следната година да нема меѓусебно наплаќање пенали. Изградбата на овој автопат чини 206 милиони евра.


Тања Попова