Економија

Дождот создава надеж за есенската сеидба

Екипата на Алфа, денеска ги обиколи сушните и распукани ниви, чија жед е многу поголема од денешните врнежи што до пладне околу пет литри на м2, а земјоделците велат дека потребите на почвата за влага се осум пати поголеми.

07.10.2017 18:12:16
Денешното врнежливо време во Пелагониското поле, создава надеж кај земјоделците во најголемата житница во Државата, можеби  по пролетните мразеви и потоа неколкумесечната суша, дека има шанса за есенската сеидба, која традиционално ја започнуваа на Крстов ден. Екипата на Алфа, денеска ги обиколи сушните и распукани ниви, чија жед е многу поголема од денешните врнежи што до пладне околу  пет литри на м2, а земјоделците велат дека потребите на почвата за влага се осум пати поголеми.

- Ако овие дождови треба да донесат воден талог од 40 литри по м2, за да може земјата што е испукана да се изора. Инаку,  состојбите на овој план се тешки. Ние сметаме дека Владата треба да преземе некои мерки, зашто мразевите и големата суша што владее во целата држава, за земјоделците ќе бидат катастрофални- рече ВељоТантаров, претседател на Сојузот на земјоделци.

Според површините кои некогаш зафаќаа од триесет до четириесет илјади хектари со есенски култури, минатата година заради игрите на мелничарите, во Пелагонија одвај беа посејани 15.000 ха со пченица и јачмен, а годинава никој не може да претпостави колку. Дури и лидерот во овој агро-биснис ЗК ``Пелагонија`` се преструктурира кон пролетни култури кои се многу попрофитабилни.

- Дури и земјоделскиот комбинат ``Пелагонија`` се престројува и ги намалува површините со есенски култури. Нивната пазарна логика вели дека треба да одговорат на потребите на сточарството и на производството на биогас и електрична енергија и затоа, исклучително многу ги зголемуваат површините со  пченка за зрно.

Сепак, во ЗК ``Пелагонија`` иако беше суша, први ја започнаа сеидбата пред една недела, а годинава ќе засејат јачмен на илјада хектари и пченица на 4. 500 хектари. Како стојат работите, ако во Пелагонија се помалку се произведува лебно зрно, очигледно ќе јадеме увозно српско брашно и цената на лебот  ќе се крои на поинаков начин. За стратегија, барем засега, никој не прашува.


Петар Стефановски