Економија

Многу предизборни ветувања, но колку општините се финансиски моќни да ги остварат?

Од изградба на училишта и градинки, преку пазари, паркови и паркинзи, па се до поставување на сообраќајна сигнализација и станици за велосипеди.

07.10.2017 18:10:38
 Од изградба на училишта и градинки, преку пазари, паркови и паркинзи, па се до поставување на сообраќајна сигнализација и станици за велосипеди. Предизборните ветувања на кандидатите за градоначалници се бројни и ги даваат насекаде, на улица, на мостови, паркови и кружни текови. Сепак, во расфрлувањето со секакви ветувања, ретко кој конкретно кажува точно кога тие би се реализирале, како и најважното, колку ќе чинат. Општо познато е дека општините со години кубурат со пари и најчесто проектите ги реализираат со помош на Владата или меѓународните финансиски институции. Најголем дел од ветувањата се однесуваат на изградба и реконструкција на училишта. На пример реконструкција на 11 основни училишта во една општина чини речиси 167 илјади евра, но мора да се реализира со скоро 50% поддршка на Светска Банка.

Речиси и да нема кандидат за градоначалник кој не ветува изградба на градинки. Зависно од локацијата изградба на еден ваков објект чини најмалку 450 илјади евра, но во минатото се случувало општинските татковци да сечат лента на градинка која ја изградила извршната власт или преку грант на финансиска институција, а притоа да се фалат како ова да е исполнето предизборно ветување. Сепак, тоа не ги спречи кандидатите и во оваа кампања да ги ветуваат истите проекти, и покрај намалениот наталитет и недостатокот од воспитувачки кои треба да работат во две смени. Оние пак кои повторно се кандидираат, а не ги изградиле, едноставно само ги препишуваат во новата предизборна кампања.

И покрај ветувањата кои понекогаш воопшто не се во нивна надлежност, по 4 години ќе се знае кој градоначалник си останал на зборот во предизборната кампања. Досегашните искуства се различни. Ветувањата за уредување и покривање на зелени пазари главно се исполнуваат, но на пример жителите се уште чекаат на отворање на нов граничен премин со Косово, изградба на студентски центар во Тетово, како и стаклена пирамида со планетариум и 3Д кино во еден од поголемите градови во земјава. 

Базата на податоци „Општини под лупа“ која е резултат на истражувањето на БИРН покажува дека локалните власти во изминатите 4 години исполниле 46.7% од ветените капитални проекти.