Црна хроника

Четири предвреме родени бебиња минатата недела починале на Гинекологија

Четири предвреме родени бебиња минатата недела починале на клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје за само 24 часа , а дежурната докторка е суспендирана.

29.09.2017 19:33:09
 Четири предвреме родени бебиња минатата недела починале на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје за само 24 часа, а дежурната докторка е суспендирана. 

Според информациите од клиниката, бебињата починале ноќта меѓу четвртокот и петокот. Тие биле со ниска гестациска возраст, со претходно констатирани мултиоргански засегања и застој во растот.

 „Според информациите од Клиниката за гинекологија, едното било родено во 25-та недела со екстремен прематуритет, второто е родено во 27-ма недела со мултиоргански засегања и невролошка симптоматологија од централен тип, а другите две се родени во 29-та недела од кои едното со претходно утврден застој во растот. Четвртото бебе е родено поради предвреме пукнат воденик и бактерија кај мајката“, велат од Министерството за здравство, а пренесува порталот „Сакам да кажам„

Министерството информира дека формирале комисија за стручен надзор и времено е суспендирана докторката, која била дежурна таа вечер, се додека не се донесе конечен заклучок од комисијата за стручен надзор.

Неофицијално, Алфа дознава дека е суспендирана лекарка сопруга на гинекологот кој со месеци лажеше пациентки дека се бремени.

„Инспектори од државниот санитарен и здравствен инспекторат вршат вонреден надзор на клиниката за гинекологија и акушерство. Во тек е изработка на посебна стратегија со конкретни мерки и активности за унапредување на гинеколошката здравствена заштита на клиниката за гинекологија и во сите родилишта во земјава“, велат од министерството за здравство.