Култура

Промовирана фотомонографија за браќата Манаки

Капитална фотомонографија посветена на фотографското творештво на браќата Јанаки и Милтон Манаки чиј автор е Роберт Јанкуловски, денеска беше промовирана во Битола, во рамките на Интернационалниот филмски фестивал.

29.09.2017 18:10:21
Капитална фотомонографија посветена на фотографското творештво на браќата Јанаки и Милтон Манаки чиј автор е   Роберт Јанкуловски, денеска беше промовирана во Битола, во рамките на Интернационалниот филмски фестивал, посветен на творештвото од првите сниматели на Балканот. Ова исклучително вредно дело на Јанкуловски на 180 страници и со 128 фотографии, работено е врз основа на неколкугодишното истражување на оставштината на браќата Манаки во Историскиот архив во Битола, каде има 17. 000 негативи и 6.000 стаклени плочи, од кои илјада авторот успеа да ги скенира и дигитализира. 

-Јас сум прв кој што ги обработуваше стаклените плочи. Сите претходни изданија беа работени од фотографските копии  на Браќата Манаки што биле на времето направени во Архивот и тие не се со некој голем квалитет. И пред мене некој се занимавал со фотографското творештво, но не со негативите и не со фоотграфската страна на Манаки- рече авторот Роберт Јанкуловски.

- Досега сме читале многу податоци за фотографиите на браќата Манаки, за нивноото значење како историски документ, за нивното социолошко и културолошпко значење, но Роберт обрнува внимание на едно друго значење што фотографиите на браќата Манаки го имаат, а тоа е естетското значење на тие фотографии- рече Игор Старделов, раководител на одделението за чување фото- материјали во Кинотека на Македонија.

Роберт Јанкуловски  е врвен фотограф, истражувач и историчар на македонската фотографија, но пред с`е, проучувач на фотографското творештво на браќата Манаки. Покрај денешната промоција, синоќа беше прожектиран седумдесетминутен документарец за неговото творештво, а пред три години во МАНУ, Битола и Париз, беше отворена изложба со дел од фото- опусот за првите сниматели на Балканот.

Петар Стефановски