Црна хроника

Пукање во Кичево - кандидатот за градоначалник се опоравува

За нападот осомничен е 58 годишен жител на кичевското село Грешница, полицијата го приведе неколку часа по нападот, од МВР преку соопштение информираа дека го обезбедиле и оружјето.

28.09.2017 17:42:39
Алит Абази, носителот  на независна советничка листа во Кичево се опоравува од огнострелните повреди во стомакот и рбетот, откако вчера беше пукано во него. Го нападнаа од зад грб, додека бил со шефот на неговиот изборен штаб, Дестан Абдиу кој исто беше мета на напаѓачот, ранет е во бутот од  десната нога. Во нападот повредено е уште едно лице, во неговата потколеница најверојатно завршил рикошет.

За нападот осомничен е 58 годишен жител на кичевското село Грешница, полицијата го приведе неколку часа по нападот, од МВР преку соопштение информираа дека го обезбедиле и оружјето. 
Истражните органи не кажуваат  детали за вчерашниот инцидент што се случи во центарот на Кичево. Јавното обвинителство што го води случајот излезе со штуро соопштение во кое има податоци кои од вчера попладнето веќе и се познати на јавноста. 

Осомничениот за нападот критичниот ден наводно имал судски спор со повредените, па револтиран од исходот на судењето пукал во луѓето. Но оваа информација е само шпекулација и не е потврдена од органите на прогонот како мотив за нападот. 


Катерина Гетева