Македонија

Пожарот на Пелистер е изгаснат, моликата е спасена

Претходно, со два Р- трактора, како и ренџери, шумари и пожарникари, ја водеа битката, од четирите зафатени хектари со висока трева и нискостеблеста вегетација, огнот да не стаса до појасите со густа дабова шума.

19.09.2017 17:32:56
Четириесеттина доброволци од планинарското друштво ``Пелистер`` и претставници на Здружението ``Љубители на оф- роуд шоу``, ноќеска на јуриш од 22 часот , за четири и пол часа во битка со пламените јазици и чадот и со многу ризици поради мракот, успеаја да го изгаснат пожарот на Пелистер, на речиси непристапните терени близу изворите над  реката Шемница, веднаш под месноста ``Семафори``. Претходно, со два Р- трактора, како и ренџери, шумари и пожарникари, ја водеа битката, од четирите зафатени хектари со висока трева и нискостеблеста вегетација, огнот да не стаса до појасите со густа дабова шума.

- Продолживме со гасење и покрај тоа што имаше силен ветер, беше мрак, теренот беше непристапен, меѓутоа, со координација на двајцата дежурни пожарникари, успеавме да го совладаме огнот. Бевме триесет до четириесет лица и веќе во 2 часот и 30 минути утрината, пожарот беше изгаснат, со тоа што, уште постоеше можност тој да се рашири зашто одредени жаришта се уште тлееја, а исконтролиравме и утрово во 6 часот- рече Симе Алушевски, планинар.

Бидејќи огнот се уште тлее, теренот е под постојана контрола на триесетина лица, кои по потреба интервенираат по должината на речното корито на Шемница. Р- Тракторите  ќе бидат повторно активирани, доколку е потребно.

- Утрово се контролира целата површина и постојано се проаѓа теренот за да не дојде до обновување на жариштето. Главен проблем вчера и денес е силниот ветер кој што дува на таа површина и опасноста ја прави се уште присутна- рече Пеце Цветановски, раководител во националниот парк ``Пелистер``.

Инаку, пожарот кој изби вчера околу пладне, сите претпоставки и сомнежи се во насока дека е подметнат. Во текот на вчерашниот ден биле забележани неколку овчари, но и двајца собирачи на боровинки, кои се имаа упатено кон Големо езеро.  За среќа, моликата и другата вегетација, барем засега е спасена, а целосна контрола на пожарот се очекува во утрешниот ден. Истрагата, допрва ќе утврдува под кои околности е загрозена оваа прекрасна планина.


Петар Стефановски