Економија

Владата контра странските компании – објави класифицирани договори

Во меѓувреме, три големи мултинационални компании, со над 2000 вработувања, најавија дека ќе ја напуштат Македонија.

13.09.2017 17:30:26
225 милиони биле потрошени за субвенционирање на 25 странски компании кои отвориле нови 20.000 работни места. Бројките денеска ги објави Владата откако  минатиот месец објави дека ќе ги декласифицира договорите со странските инвеститори. Владиниот портпарол вели дека во просек биле трошени по 11.000 евра за секој работник. Тој најави дека овие информации ќе бидат доставени и до македонските правосудни органи. 

За економистите, исклучително штетна е одлуката на владата за декласифицирање на документите и објавување на субвенциите кои државата и ги дава на странските инвеститори за влез во Македонија. Според нив, со  ваквата одлука се руши конкурентноста на државата во однос на другите соседни и регионални држави кои се натпреваруваат да ги привлечат истите  компании. 

Штетната владина политика кон странските инвеститори ја остави Македонија покуса за 1500 нови вработувања, откако странска компанија од автомобилската индустрија која планираше да инвестира во земјава, одеднаш ја смени одлуката и реши новата фабрика да ја отвори во Србија.

Во меѓувреме, три големи мултинационални компании, со над 2000 вработувања, најавија дека ќе ја напуштат Македонија. Незадоволни од третманот на Владата, декласификацијата и покачувањето на даноците, донеле одлука својот капитал да го преселат во други земји во регионот. Две од компаниите кои ќе ги затворат капацитетите се од автомобилската индустрија и доаѓаат надвор од Европа, а третата компанија која најави заминување од Македонија работи во областа на технолошката индустрија и е со Европски капитал.

Биљана Божиновска