Македонија

Учениците во Македонија не учествуваат во донесувањето одлуки кои се важни за нив

Учениците во земјава не учествуваат во донесувањето на одлуки кои се важни за нив. Ги тиштат проблеми за тоа како тече наставата, начинот на кој ги добиваат оценките, корупцијата во училиштата, непотизмот.

13.09.2017 17:30:38
 Учениците во земјава не  учествуваат  во донесувањето на одлуки  кои се важни за нив. Ги тиштат проблеми за тоа како тече наставата, начинот на кој ги добиваат оценките, корупцијата во училиштата, непотизмот. Важно им е да го кажат својот став на професорот, дека е потребно да им посвети поголемо внимание во учењето, за потребата од пристапни рампи во училиштата за учениците кои имаат инвалидитет. Младинските организации кои ги застапуваат правата на младите потенцираат дека учениците  треба да станат битен чинител во развој на образованието, за сите реформи кои ги носи министерството за образование да бидат консултирани. Да нема непромислени промени, потребно е да се утврдат стратешките приоритети, а потоа да се направат законските измени за регулирање на ученичкото право.

Од организациите кои ги застапуваат правата на младите велат на образовниот систем му се потребни  новини. За нив поразителни се и резултатите на учениците од меѓународното тестирање ПИСА, на кое само 1% од 15 годишните ученици од земјава имаа одлични постигнувања на најмалку еден предмет, дури 52,2 % имаа лоши постигнувања кај трите предмети. Со тоа државава од 70 земји во светот беше рангирана на 67 место во наука и читање, а 66 во математика. Со тоа се повикаа  на податоците од Светска банка кои покажаа  дека Македонија  најмногу вложува во образованието  од сите земји од регионот,  а резултатите на учениците сепак се  најслаби иако основното и средното образование се задолжителни. 

Вероника Мароска Леова