Економија

Странските инвеститори добиле 225 милиони евра државна помош

Над 225 милиони евра од државниот буџет биле потрошени за влез на 25 странски инвеститори кои вработиле 20 илјади лица.

13.09.2017 12:51:00
Над 225 милиони евра од државниот буџет биле потрошени за влез на 25 странски инвеститори кои вработиле 20 илјади лица. Тоа значи дека поранешната влада потрошила од буџетот во просек по 11 илјади евра по едно работно место, објави денеска Владата.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на прес-конференција истакна дека повеќето од овие работни места не биле нововработени, туку биле работници преземени од македонското стопанство.
Тој рече дека сите овие договори се уште имаат важност и дека Владата ќе ги исполни во целост сите обврски кон сите странски инвеститори.

На странските директни инвеститори за креирање работни места им биле дадени 14 милиони евра, за обуки пет милиони евра и за градежни работи 10 милиони евра.

Во периодот од 2007 заклучно со мај 2017 година, вкупното даночно олеснување кое странските инвеститори го добиле по основ на даночно и царинско ослободување изнесува 59 милиони евра. 
Анализата покажала дека странските инвеститори само еден процент од своите набавки го правеле од македонски компании.