Економија

Груевски: Со владиниот концепт за минимална плата, СДСМ ќе ги залаже граѓаните и ќе им нанесе штета

Со новиот концепт за минимална плата кои го предлага Владата, СДСМ само ќе ги залаже граѓаните, за потоа да им нанесе штета, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ при денешната посета на скопско Волково.

11.09.2017 17:49:27
Со новиот концепт за минимална плата кои го предлага Владата, СДСМ само ќе ги залаже граѓаните, за потоа да им нанесе штета. Ова го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски при денешната посета на скопско Волково. Тој рече дека во минатото, кога СДСМ била на власт не постоела категорија наречена минимална плата. 

Некаде во 2009 кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, вели Груевски, иако немале ветено, за прв пат вовеле Закон за минималец - кој неколку пати растел согласно приликите на стопанството. Па така, од една страна работниците ќе добијат поголема минимална плата, а од друга - нема да тонат компаниите, посочи Груевски.

- Со овој концепт, практично ќе ги залажат граѓаните на краток период, на штета од шест месеци до година. Потоа тој концепт станува неодржлив, така што за година до две отсега ќе стане сосема јасно за каков неодржлив концепт станува збор. Имено, она што го предвидуваат е на оние фирми кои што имаат загуби, значи на фирмите кои имаат негативно работење, кои имаат проблеми во работењето и кои што не го водат својот бизнис соодветно. Во периодот од шест, односно 12 месеци делумно, Владата да им компензира одредени средства помеѓу разликата од сегашната плата и минималната плата, но не одговараат на прашањето „Што потоа?“ Ќе поминат тие шест месеци, ќе помине една година, што потоа?, прашува Груевски, појаснувајќи дека потоа фирмите ќе ги намалуваат минималните плати, односно ќе почне концептот на враќање.

Според него, компаниите ќе ја исплаќаат минималната плата, но потоа работникот ќе биде принуден да врати дел од нив, зашто поинаку таа компанија не би можела да опстане.

- Второ, ќе почне исто така и ситуација на отпуштање на работници. Ќе почне можеби и ситуација на преселување на компании, особено на овие големите, мултинационалните компании што дојдоа во Македонија. Тие нема да си дозволат да ги принудуваат работниците да им ги враќаат парите или да ги отпуштаат или нешто слично. Ако не им се понуди некоја компензација, тие ќе си заминат, ќе одат во држава каде што комотно, по закон ќе работат и нема да бидат во ситуација да не можат да го исполнат законот. Тие не можат заради една несериозна Влада и нејзината желба да ги измами граѓаните пред избори да се доведат во ситуација да направат законски престап и да губат насекаде. Така што, ќе се доведат компаниите, и пред се работниците во една незавидна ситуација, истакна Груевски.

Груевски рече дека постојат многу компании, особено во текстилната индустрија каде работниците земаат минимална плата, за газдата да зема и до 5.000 евра.

Инаку, Груевски денеска го посети скопско Волково и се сретнаа со граѓаните од ова населено место. Тие му се пожалија дека новата Влада ја запрела градбата и асфалтирањето на улиците, како и градба на канализациона мрежа, кои самите граѓани ја барале.

Жителите од овој дел на градот изразија благодарност за посетата на Груевски, бидејќи иако веќе не е премиер - оди на средби со нив.

Инаку, во Волково пред месец дена со асфалтирање се завршени улиците 31 и 33 – вредни околу 6 милиони денари, ветување од последната посета на Волково од претходната влада.  

Борис Грујоски