Економија

Рафајловски: Бизнисмените со функција во власта да се откажат од сопственоста во нивните фирми

Првиот антикорупционер согласен дека во конкретниот случај не постои судир на интереси, но вели дека сепак, треба да се има предвид етичкиот и моралниот аспект на овој случај.

11.09.2017 17:39:29
Бизнисмените кои во иднина ќе сакаат да преземат високи државни функции треба да се откажат од сопствеништвото во своите фирми. Вака стопанствениците гледаат решение за случаите како актуелниот со „Фероинвест“, фирмата на вицепремиерот Кочо Анѓушев, која доби тендер од ЕЛЕМ за набавка на транспортни ленти за потребите на РЕК Битола вреден 2,6 милиони евра. 

Првиот антикорупционер согласен дека во конкретниот случај не постои судир на интереси, но вели дека сепак, треба да се има предвид етичкиот и моралниот аспект на овој случај.

Од компанијата децидни - и досега учествувале на вакви јавни повици за набавка на транспортни ленти кои се користат за ископ и транспорт на јаглен. Последниот таков тендер го добиле во 2014 година. Оттаму велат дека и во иднина ќе учествуваат на сите тендери каде ќе имаат деловен интерес.

Управителот Ѓорѓиоски вели дека доколку сопственикот Анѓушев одлучи „Фероинвест“ да се повлече од тендерот, менаџерскиот тим нема да го послуша бидејќи тоа не е во интерес на компанијата. 

И премиерот Зоран Заев го оправда својот заменик – смета дека постапката за овој тендер на ЕЛЕМ е почната многу порано пред Анѓушев да стане дел од владиниот кабинет. 

Биљана Божиновска