Балкан

Кариќ: Сакам да бидам премиер на Србија

Српскиот бизнисмен Богољуб Кариќ изјави дека има амбиции да стане премиер, но за своите намери досега не разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

11.09.2017 12:01:57

Српскиот бизнисмен Богољуб Кариќ изјави дека има амбиции да стане премиер, но за своите намери досега не разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

- Мои амбиции се да бидам премиер на Србија, и ќе работам на тоа да го остварам, истакна Кариќ за весникот „Блиц“.

Сепак тој додаде дека не планира на таа функција да ја замени актуелната премиерка Ана Брнабиќ.

- Трпелив сум, за мене има време, смета Кариќ.

Српскиот бизнисмен се осврна и на белградските избори, нагласувајќи дека доколку биде повикан, неговото Движење на силите на Србија (ПС С) ќе биде со Српска напредна партија (СНС), на чија листа се наоѓа, но тврди дека постојат луѓе кои сметаат дека ПС С е голема пречка за СНС и оти малите партии и прават огромна штета.

- Мислам дека грешат. Затоа сме подготвени сами да излеземе на избори. Никогаш не сме барале функции на власт, нас не интересира само да дадеме придонес за развој на Белград. Можеме од Белград да направиме економско чудо! Еве, гарантираме четири милијарди евра инвестиции за четири години, додаде Кариќ.

Тој потврди дека „апсолутно не е заинтересиран“ за градоначалничко место, а неговата партија ќе има свој кандидат, како и останатите партии на листата, но СНС ќе го има завршниот збор.