Економија

Анѓушев: Не е конфликт на интереси што фирмата „Фероинвест“ добива владини и државни тендери

Нема конфликт на интереси со компанијата „Фероинвест“. Не управувам со компанијата и како потпретседател на Владата не сакам да имам бенефит од моето работење во Владата, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.

10.09.2017 17:43:55
Нема никаков конфликт на интереси по добиениот државен тендер на компанијата „Фероинвест“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев, иако тој се води како сопственик, а воедно и втор човек во Владата. Според него, се било спроведено законски, и дека не гледал место за загриженост. 

- Нема конфликт на интереси со компанијата „Фероинвест“. Не управувам со компанијата и како потпретседател на Владата не сакам да имам никаков бенефит од моето работење во Владата, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Анѓушев рече дека тендерот го доделува ЕЛЕМ на фирмата што има најповолни услови, и дека нема удел околу тоа, иако само 10 дена откако е назначен новиот генерален директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски, на својот претпоставен - Кочо Анѓушев, му го доделил тендерот за фирмата, основана токму од Анѓушев и од која само козметички се повлече од местото управител. 

За подетални информации, не упати да побараме одговор во неговите фирми, односно до менаџментот што во моментов раководи со нив. 

- Согласно Законот за спречување на корупцијата имам обврска да се повлечам од управувањето на компаниите. Никаде во тој закон нема дека треба да престанам да биде сопственик на компаниите. Јас не управувам со компаниите и како потпретседател на Влада не сакам да имам никаков бенефит од моето работење во Владата, нагласи Анѓушев.

На 15 август 2017, ЕЛЕМ донел одлука од каде ќе се набавуваат транспортни ленти за рудник.  Од вкупно предвидените 4,2 милиони евра за оваа набавка повеќе од половината му се доделени на конзорциумот составен од „Фероинвест“ од Македонија. 

За неполни 100 дена од влезот во новата влада се поставува прашањето дали токму ваквите бизнис-интереси на Кочо Анѓушев и фирмите поврзани со него беа вистинскиот мотив и инспирација да седне на вицепремиерската фотелја. 

Силни обвинувања стигнаа и од опозицијата. Велат, тоа е скандал од невидени размери што вицепремиерот во Владата Кочо Анѓушев, си доделил преку државната ЕЛЕМ тендер тежок 2,6 милиони евра на фирмата „Фероинвест“, која е во негова сопственост.

Од ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку дена реагираат за фирмите на вицепермиерот. Она што по што тој ќе се памети, велат, биле милионерските наместени тендери, со цел неговите фирми да добијат повеќе профит.

Борис Грујоски