Економија

Груевски: Падот на извозот е четврти параметар кој укажува на сериозен пад на економијата

Државниот завод за статистика објави за пад на извозот во Македонија - што е четврти по ред во низа за период од две недели, четврти податок од економската сфера кој укажува на сериозен пад на економијата.

07.09.2017 18:10:46
Падот на извозот во јули, во однос на јуни годинава за 12% ќе значи голем проблем во економијата, а тоа ќе го почувствува домашното стопанство, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој денеска беше во посета на кумановскиот регион. 

Статистика нотира дека во седмиот месец, споредено со истиот месец лани извозот се намалил за 5,6 отсто. И увозот во јули споредено со јуни годинава се намалил за скоро 5,2 милиони евра.

Додека се намалува извозот, во кој најголем удел имаа фабриките од зоните, Груевски рече дека власта се откажува инвестициите кои ќе донеле над 25.000 работни места.

- Претходно имаше пад на просечната плата, па пад на индустриското производство, па сериозен пад на девизните резерви на државата и сега доаѓа падот извозот кој е за 12% во јули во однос јуни, тоа е многу сериозен пад. За уште да биде поцрна сликата падот не е само во јули во однос на јуни, туку и во однос на јули минатата година, што значи дека падот е базичен и има сериозен проблем. Во време во кое ние работевме освен во годините во кои имаше сериозна финансиска криза во светот, во сите други години имавме сериозни растови на извозот, вели Груевски.

Тој посочува дека сега започнала нова ера, ера на пад на извозот.

- При толку донесени нови компании, нови фабрики, отворени нови домашни да дојде до пад на извозот укажува дека навистина економијата оди во една лоша насока и оние граѓани кои сега тоа не го чувствуваат со тек на време ќе почнат бидејќи веќе по четврти параметар се укажува на сериозен пад на економијата, посочи Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека сетоа ова укажува дека владата нема начин, план како да ја води државата и економијата напред.

- Дефокусирани се од економијата и не се заинтересирани за нејзин напредок или пак за отворање на нови работни места. Се фокусираат за прашања кои не ги засегаат толку многу граѓаните, вели Груевски.

Што се однесува до првите 100 дена од новата Влада, Груевски рече дека листата на реализирани проекти е речиси празна. Граѓаните периодов ќе го паметат по стравот кој кај нив беше внесен со најавите дека даноците ќе растат, пензиите и платите нема да се покачуваат, странските инвеститори ќе ја напуштаат земјава, луѓе ќе останат без работа.

За споредба, владата на ВМРО-ДПМНЕ реализира бројни и значајни проекти кои донесоа бенефити за сите граѓани на Република Македонија.

Пониски даноци, субвенции, повисоки плати, нови фабрики се дел од проектите кои ги направија Владите на Груевски во првите 100 дена

- Воведовме субвенции за земјоделците, тие нема субвенции. Воведовме најпрво 20 милиони евра како интервентна мерка само за 2006, а потоа постепено го зголемувавме, и стигнавме до меѓу 140 и 155 милиони евра во 2016 евра, појасни Груевски.

Истакна дека во првите 100 дена успеавлее да ги направат сите подготовки и да ги отворат јавниот меѓународен мобилен оператор, кој како што рече, успеа и подоцна донесе 70 отсто намалување на цените на телефонските услуги.

- Направивме чекори во однос на образованието. Го поднесовме Законот и тој беше во завршна фаза за отворање на нов универзитет во Источна Македонија. Направивме чекори во повеќе области, во многу области и тоа беше видливо. Луѓето почувствуваа што значи да се има нова влада, со концепт, со стратегија, со план и цврсто насочена кон тоа да го исполни ветеното за само 100 дена. Разликата од тогаш до сега е огромна, потенцира Груевски.

Верува дека граѓаните ќе се потсетат на тоа што Владата на ВМРО-ДПМНЕ го правела во првите 100 дена, и она што сега го прави Владата која ја предводи СДСМ.

Груевски за време на посетата на кумановскиот регион, изврши и увид во градежните работи кај патарината Романовце на автопатот Куманово - Скопје. Таа се проширува и поставени се нови кабини, откако се покажа дека старата не може да одговори на потребите, и создаваше метеж и по неколку километри.

Новата современа патарина се гради на речиси 1 км од старата кон Куманово, како дел од проектот за модернизација на патарините на Коридорот 10. Ќе биде наменета за возила кои се движат по автопатот кон Скопје, а старата ќе биде отстранета. 

Груевски денеска се сретна и со жителите на Куманово, во центарот на градот со кој разговараше за се она што ги мачи граѓаните. Вели, тие се пожалиле на урбаниот и сообраќаен хаос. Рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди решенија на следните локални избори кои ќе значат решавање на проблемите на кумановчани зашто заслужуваат подобро.  

Борис Грујоски