Македонија

Марковиќ: Граѓаните на избори сакаат да знаат кој кандидат што сработил и што ветува

Договорот кој владата на Зоран Заев го склучи со Бугарија и Законот за употреба на јазиците што помина на владина седница, ќе имаат одредено влијание кај гласачите на локалните избори во Октомври.

11.08.2017 15:59:46
Договорот кој владата на Зоран Заев го склучи со Бугарија и Законот за употреба на јазиците што помина на владина седница, ќе имаат одредено влијание кај гласачите на локалните избори во Октомври. На ваков став е професорот на правниот факултет Ненад Марковиќ кој вели дека овие теми несомнено ќе бидат значајни за граѓаните при одлучувањето кому да го дадат својот глас. Тој додава дека не би сакал да повлекува апсолутна паралела помеѓу парламентарните и за локалните избори.

Марковиќ смета дека електоратот на локалните избори гласа за кандидат, па затоа гласачите сакаат да знаат кои од понудените имиња што досега има сработено и што ветува во новата изборна програма. На локално ниво, многу се важни и коалициите помеѓу партиите, бидејќи во вториот круг не ретко пресудни се гласовите на помалите партии и етнички заедници, додава Марковиќ. 

Инаку, кај двете најголеми партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ неофицијално почнаа да се шушкаат имињата на кандидатите со кои ќе истрчаат на локалните избори на 15 Октомври. Главната битка ќе се води во поголемите општини, Центар, Карпош, Аеродром, Битола и Скопје, каде силите ќе си ги одмерат актуелниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски на кого се поизвесно е дека противкандидат ќе му биде Петре Шилегов. 

Во Карпош довербата од граѓаните ќе бара лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, а како кандидат на СДСМ се споменува името на претседатлот на општинската организација Душко Весковски. ВМРО – ДПМНЕ трет мандат во Аеродром ќе бара за актуелниот градоначалник Ивица Коневски, а социјалдемократите се поизвесно е оти ќе настапат со Златко Марин. 

Сепак, во партиските седишта се уште се мери пулсот на граѓаните за рејтинзите, па дури после 20-ти август ќе ги објавеле официјалните имиња на кандидатите.

Биљана Божиновска