Македонија

Законот за јазици пред пратениците веднаш по одморите

Законот за јазици ќе се гласа пред паузата на пратениците за локалните избори, велат за Алфа од Службата за односи со јавност, на парламентот.

11.08.2017 15:52:27
Се потврди она што Алфа го објави вчера - повикувајќи се на свои извори , дека законот за јазици ќе биде експресно ставен на дневен ред пред локалните избори, како компензација на СДСМ за задоволување на барањата на албанските партнери. Денеска собраниските служби ни го потврдија тоа. Претседателот Џафери најавил дека законот ќе биде на дневен ред веднаш по завршувањето на седницата за Зврлевски, штом поминат одморите. 

Законот за јазици ќе се гласа пред паузата на пратениците за локалните избори,  велат за Алфа од Службата за односи со јавност, на парламентот. 

Иако стратегијата на власта е очигледна, нејасно е како законот ќе се најде пред гласање, ако до септември Венецијанската комисија не се изјасни во врска со уставноста на одредени одредби, како таа за двојазичните униформи на војската. 
Исто така е нејасно, како воопшто во Собрание ќе помине закон кој повлекува измени на други акти, исклучиво можни со двотретинска согласност на пратениците – проблем за што со денови експерти предупредуваат за Алфа дека ќе значи упад во македонскиот правен систем.

Денеска и академик Катица Ќулафкова со критика за протнувањето на законот, вели оти владата во ниеден момент не се обратила ниту до МАНУ, ни до Филолошкиот факултет, ниту пак до Институтот за македонски јазик.

Вчера професори лингвисти, пак, упатија приговор до премиерот Заев, опоменувајќи го дека законот е штетен за јазичната политика. Што најочигледно се гледа во отворањето на таканаречената  Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на Македонија, како што е напишана во законот. Со ова, според лингвистите, се издигнува албанскиот, над сите други јазици во државава, пред се над македонскиот - за кого ниту некогаш постоела ниту постои слична агенција.




Искра Коровешовска