Македонија

На плус 41 на улица – пеколното време неподносливо за бездомниците

Жешкото време е неподносливо за сите, но кога единственото засолниште ви е некоја дебела сенка, тогаш оние плус 40 ви се чинат како да се 60 степени, вели Таир, чиј дом со години се улиците

11.08.2017 22:08:41
Жешкото време е неподносливо за сите, но кога единственото засолниште ви е некоја дебела сенка, тогаш оние плус 40 ви се чинат како да се 60 степени, вели Таир, чиј дом со години се улиците. Со неколку хронични болести и операција на срцето, тој на отворено живее од денес за утре. Со себе секогаш носи шише со вода, како и капа и очила. Мора да ги слушам препораките на лекарите. Вели, не ретко сум бил сведок како некој од бездомниците колабира, па дури и умира поради високите температури. 

Таир два дена неделно наоѓа прибежиште во центарот на Црвениот Крст во Момин поток. Тој и уште 50-тина бездомници таму добиваат свежи напитоци и храна, а можат и да се истушираат. Откако функционира центарот од 2008-мата досега макар по еднаш таму поминале над 200 бездомници 

Неодложните обврски не познаваат топло време. Повозрасните граѓани, кои околу пладне чекаа автобус, велат дека не паметат вакво лето – пеколни температури кои траат со денови.  

На терен и денеска беа мобилните екипи на Црвениот Крст. Во изминатиот период тие поделиле над 10 илјади шишиња со вода, а 100-тина граѓани побарале да им измерат притисок.   

Инаку земјата веќе 8-ми ден е во портокаловата фаза. Ниту инспекциските контроли, нити апелите да не се работи од 11 до 17 часот не ги исплашија работодавачите. Камерата на Алфа на 2 локации забележа работници на отворено. Од македонското здружение за заштита при работа, велат дека работници од сите возрасти се подложни на болестите поврзани од топлината. Според истражувањето на американскиот институт за безбедност при работа, во САД во периодот од 1992 до 2006-тата година, како последица на работа на отворено починале 423 луѓе. 68 од нив починале од мозочен удар. 

Елена Ставровска - Севриевска