Економија

Градоначалникот на Загреб во посета на „Алкалоид“

Делегација од канцеларијата на хрватската метропола, предводена од градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, оствари работна посета на „Алкалоид“.

09.08.2017 14:54:10
Делегација од канцеларијата на хрватската метропола, предводена од градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, во рамки на посетата на Скопје за време на Суперкупот на УЕФА, оствари работн посета на „Алкалоид АД Скопје“.

За време на работната средба, генералниот директор и претседател на управниот одбор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов, го запозна Бандиќ со работењето и резултатите на „Алкалоид АД Скопје“, како и со деловните операции на компанијата на хрватскиот пазар, каде што производите на „Алкалоид“ се присутни речиси половина век.

- Кога една компанија успеала цели осум децении да се одржи на европскиот и да допре до светскиот пазар, тогаш нејзин главен гарант е единствено високиот квалитет. Навистина сум одушевен од она што имав можност да го видам низ производните погони на „Алкалоид" и сега ми е сосема јасно зошто кога ме боли глава, веднаш посегнувам по „кафетин“ - кажа Бандиќ, по обиколката на производните капацитети на „Алкалоид АД Скопје“

Од кабинетот на загрепскиот градоначалник истакнаа дека бизнис и пријателските релации помеѓу Мукаетов и Бандиќ, пред сѐ, се базираат на заедничката страст која ја имаат кон работата и грижата кон вработените, како неизбежен предуслов за напредок и успех.

Како тема на разговор во рамки на агендата на работната средба, беше и претстојното Европско ракометно првенство 2018 во машка конкуренција, кое во јануари следната година ќе се одржува во Хрватска. На првенството, чии натпревари ќе се играат во четири градови, Македонија ќе игра во Загреб.

Од позиција на претседател на Ракометната Федерација на Македонија, Мукаетов побара логистичка поддршка од домаќините, имајќи го предвид огромниот интерес кај македонските ракометни навивачи за следење на овој спортски спектакл од трибините на „Арена Загреб“, како и искуството од 2009 година, кога македонската „Фаланга“ ги „запоседна“ Вараждин и Задар за време на Светското ракометно првенство.

Неодамна, Бандиќ го отпочна својот шести мандат како челник на градот Загреб. Меѓу загрепчаните, тој е познат како реформатор, за време на чие раководење градот доживува економска и културна ренесанса. Меѓудругото, во низата инфраструктурни проекти реализирани под негова палка, се вбројува и комплексот „Арена Загреб“, кој симболично е пуштен во употреба токму со ракометна пресметка.

Мукаетов и Бандиќ заедно го проследија Суперкупот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на трибините на националната арена „Филип Втори“.