Економија

Заврши четвртиот ден собраниска расправа за ребалансот на Буџетот

Собраниската расправа за ребалансот на Буџетот за 2017 ќе продолжи утре кога, според Деловниот, треба и да заврши и за него да се гласа.

05.08.2017 21:12:27
Собранието вечерва го заврши четвртиот, претпоследен ден од расправата за ребалансот на Буџетот за 2017 година.  Во попладневниот дел од денешната седница пратениците од опозицијата со обвинувања дека власта со ребалансот ги крати капиталните инвестиции и ги намалува парите во клучни сектори, како образование, здравство, полиција и одбрана, а пратениците од владејачкото мнозинство возвратија дека единствено се кратат нереалните трошења. 

Во однос на кратењето на капитални инвестиции, за што најмногу се полемизира, пратеничката на СДСМ Јагода Шахпаска рече дека тоа е последица на забавената динамика во реализацијата на предвидените капитални инвестиции.

- Минатата година при носењето на буџетот за капитални инвестиции беа предвидени 26 милијарди 954 милиони денари, а со ребалансот се предвидуваат 23 милијарди 411 милиони денари. Ова не е намалување, ако се има предвид дека во првата половина од годината се реализирани само 8,7 милијарди денари од предвидените 26 милијарди денари. Тоа значи дека има намалување на капиталните инвестиции кои имаат успорена динамика на реализација и она што можеше да се скрати од проектот „Скопје 2014“, рече Шахпаска. 

Истакна дека исчекор и создавање можност за намалување на сиромаштијата и подобрување на животниот стандард  на граѓаните е мерката за 90 милиони денари месечно за обезбедување минимална плата од 12.000 денари. 

Шахпаска нагласи дека владата во заминување во март 2017 ги скратила  за 62 милиони денари средствата за набавка на инсулинска терапија.  

- Она што новата влада го направи е зголемување на оваа ставка за четири милиони денари. Средствата за инсулин не се намалени, напротив - она кратење што го имаше претходната власт е со зголеменост за четири милиони денари, рече Шахпаска.

Таа ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека кратат средства за вакцини. - Тоа го направи владата на ВМРО-ДПМНЕ  со чија одлука износот од 180 милиони денари се заменува со износ од 144 милиони денари. Ова е одлука на Владата во заминување објавена на 28 март 2017 во Службен весник на РМ, додаде Шахпаска. Соопшти и дека со ребалансот на буџетот ставката за лекови за ретки болести новата Влада ја зголемува за скоро 4 милиони денари и се предвидува воведување 17 нови лекови кои ќе се користат за третманот на лицата со ретки болести.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев реплицираше дека има многу важни области во кои се предвидени кратења.

- Сто  милиони денари помалку за рурален развој, а тоа значи помалку пари за сите села во Македонија - за патишта, за водоводи, за канализации, 12 милиони денари помалку за објекти за детска заштита, 134 милиони денари помалку за социјални дејности, дури 28 милиони денари помалку за изградба, опремување и одржување на објекти за стари лица, помалку пари за сите универзитети во Македонија, за основно и за средно образование, за имунизација на населението итн. Нема ставка што не е скратена, рече Ѓорчев. 

Собраниската расправа за ребалансот на Буџетот за 2017 ќе продолжи утре кога, според Деловниот, треба и да заврши и за него да се гласа.