Култура

На Гумење во Крушево отворени „10 дена Крушевска Република“

На платото на Гумење во Крушево синоќа пригодно беа отворени јубилејните 50-ти Научно-културни средби „10 дена Крушевска Република“.

02.08.2017 12:14:43
На платото на Гумење во Крушево синоќа пригодно беа отворени јубилејните 50-ти Научно-културни средби „10 дена Крушевска Република“. 

Пред самото отворање на Манифестаијата илинденските коњаници, делегации на општината Крушево, на манифестацијата „10 дена Крушевска Република положија цвеќиња во криптата на илинденските востаници, пред бистата на Веле Марков, на гробот на Питу Гули,пред споменикот на партизанските гробишта и на гробот на Тоше Проески. На Гумење пристигнаа и Илинденските коњаници.

Во поздравното обраќање, потпретседателот на Научно-кулурните средби „10 дена Крушевска Република“ Маноил Јаковлевски рече дека пред 114 години нашите предци во Крушево ги поставија темелите на македонската државност.

- Илинден е најсветиот симбол на вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода, а легендарното Крушево е темелникот на историјата на македонскиот народ, паметникот на македонската државност. Аманетот од нашите предци не задолжува дс ги чуваме името на државата и идентитетот на нацијата. Манифестаијата „10 дена Крушевска Република“ е време кога оддаваме почит и положуваме цвеќе на гробовите на нашите знајни и незнајни борци. Денес сме соочени со предизвикот да ја чуваме и сочуваме Македонија. Не треба да ги правиме грешките од минатото, да не се делиме, туку да се бориме за единство, да ја продолжиме идеологијата на нашите предци, рече Јаковлевски.
Прогласувајќи ги Научно-културните средби за отворени, градоначалникот на Крушево и претседател на манифестацијата Ѓорѓи Дамчески рече дека Крушево е местото каде што на 2-ри август 1903година пламна факелот за ослободување.

- Беше создадена Крушевската Република, никулецот на македонската држава. Илинденците ја најавија македонската државност и со сопствената крв го потпишаа аманетот на генерациите што доаѓаат. Манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ е дел од тој аманет. Но, денес 114 години по Илинденското востание пред нас е иднина полна со неизвесност, со искушенија и предизвици. Соочени сме со негации и оспорувања на човековите права, на правото на постоење, име јазик и род. Но, сите знајни и незнајни херои не задолжија сите нас, независно од етничката, верската и политичката припадност, да ја градиме Македонија како развиена, демократска и напредна држава, рече Дамчески.

Јаковлевски и Дамчески, од името на Манифестацијата им доделија плакети за посебни заслуги на семејствата на Никола Карев, на Питу Гули, потоа на Крсто Топузоски и на професор д-р Александар Трајаноски.
На свеченоста беше прочитан Манифестот, а потоа, на столбот на Гумење беше кренат бајракот на Крушевската Република. Почетокот на Манифестаијата ја одбележаа огномет и пукање од црешовото топче.

Во културно-забавниот дел од програмата на отворањето на Научно-културните средби „10 дена Крушевска Решублика“ настапија грушите „Црешово топче“ и „Супер хикс“.