Македонија

ВМРО-ДПМНЕ:Владата на СДС нема намера да престане со задолжувањето на државата

Министерството за финансии на чело со СДС, според ВМРО-ДПМНЕ, покажа дека нема намера да престане со задолжувањето на државата преку издавање државни хартии од вредност.

19.07.2017 15:21:02
 Соња Гелова Стојанова денеска во изјава пред Министерството за финансии рече дека тоа е нешто што само до пред неколку месеци СДСМ го оценува како криминал и јавно им се закануваа на заинтересираните банки.

- Кога тоа се правеше претходно по исти, па дури и подобри услови, СДС и ним блиските медиуми креваа хистерија, а сега молчат и одобруваат, истакна Гелова Стојанова.

Според неа, ова е лицемерието на СДС, едно да говорат во опозиција, а друго да прават на власт. - Тие, рече, дури без срам планираат до крајот на годината освен тековните задолжувања да го зголемат долгот за дополнителни 150 милиони евра. 

Таа рече дека досега Владата на СДС само по основ на овие аукции се задолжи 70-тина милиони евра. Последната аукција, додаде, изнесуваше 10,6 милиони евра од која само 227 илјади евра ќе се вратат како отплата на доспеан долг, а остатокот е чист долг на грбот на граѓаните. - Нема ни збор за што ќе се искористат овие пари, дали со нив ќе се прави некој пат, некоја канализација, некое училиште, градинка или болница. Напротив, средствата за ваквите проекти во ребалансот тие безмилосно ги кратат, Гелова Стојанова.