Балкан

Место сонце и плажа во Грција беснее циклонот Медуза

На Халкидики беснее циклонот Медуза. Место сонце и плажа во Грција град, молњи и громови. Во поплавата на Торони се однесени над 20 автомобили и заглавени биле околу десетина туристи кои денес беа евакуирани од грчките органи

17.07.2017 17:40:48
 
 На Халкидики беснее циклонот Медуза. Место сонце и плажа во Грција град, молњи и громови. 
Поплавени хотели и продавници. Поплавени подруми а улиците влечат автомобили како река во многу области на Халкидики.

 На патиштата има одрони и гранки поради силното невреме. Сериозни проблеми поради големата бура се предизвикани на вториот крак на Халкидики, Ситониа. Најпогодени се Торони, Порто Куфо и Тристиника.
 
 Во поплавата на Торони се однесени над 20 автомобили и заглавени биле околу десетина туристи кои денес беа евакуирани од грчките органи . Полицијата и Регионот се бори со цел да се нормализира ситуацијата а противпожарните служби континуирано ја испумпуваат водата, но лошите временски услови си го прават своето, пренесуваат грчките медиуми. 
Во дел од кампови за деца помеѓу Преображението и Ватопеди Халкидики нема и електрична енергија. 

 Очевидец пак за Алфа пренесува дека во кампот Талата поради големото невреме и поплавата нивото на водата се искачило над 80 см и носело се пред себе. Сепак според македонското МНР нема македонски државјани кои се опасност или кои се евакуирани од поплавите.. Во конзулатот на Солун е примен повик само од едно семејство кое е на летување во Торони, но истите не се наоѓаат во опасна состојба. 

 Проблеми има и во многу делови на патната мрежа на Солун. Поплави има и на патот Лариса – Кожани
 
 Циклонот Медуза се очекува да се повлекува дури утре напладне а со него и обилните врнежите и силниот ветер.  Во македонскиот конзулат во Солун функционира и дежурен мобилен телефон на кој може да се обратат наши државјани во случај на потреба. 

Лепа Џундева