Економија

Ребалансот на буџетот денеска првпат пред пратениците

Од денеска ребалансот на буџетот влегува во собраниска процедура. Се очекува жестока дебата од пратениците за прекројувањето на државната каса кое предвидува ревидирање на приходите за 1,5% надолу, односно за 47 милиони евра.

17.07.2017 10:42:31
 Во Собранието на Република Македонија денеска почнува расправата по ребалансот на Буџетот  за 2017 година.

Ребалансот на Буџетот предложен од Владата е на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Со него се предвидува дефицитот да остане 2,9 отсто од БДП, а растот да изнесува 2,2 проценти наместо првично предвидените 3 отсто од претходната влада и проектираните 2,8 од Светска банка, односно 2,7 отсто од НБРМ.

Скратени се сите непродуктивни трошења на Владата и на сите нејзини институции како што се службени патувања, презентации, економски промоции и рекламирање со што е направена заштеда на финансиски средства. Од Владата посочуваат дека обезбедени се средства за укинување на радиодифузната такса, за субвенционирање на минималната плата која од 1 септември треба да изнесува 12.000 денари, како за трајно решавање на проблемот со стечајните работници.

Предвидено е кратење на расходите од речиси три милијарди денари и на капиталните инвестиции за исто толку, но, како што појасни премиерот Зоран Заев, ќе се реализираат сите веќе започнати инфраструктурни проекти, а ќе се додадат и некои нови. 

Вкупните приходи се проектирани на 184,7 милијарди денари, расходите на 203,3 милијарди денари, а буџетскиот дефицит на 18,6 милиајрди денари или 2,9 отсто од БДП.

Предвидено е со  девет милиони евра да се дополнат сите активни политики и мерки за поддршка на нови вработувања, пред се за младите луѓе и за проектот „Гаранција за младите луѓе“ кој, како дел од Програмата на новата Влада, предвидува на секој млад човек, државата да му понуди вработување или дошколување, практика и тренинг за да биде конкурентен на пазарот на трудот и да сака да остане да работи во својата земја.

Со околу 135 милиони денари ќе се обезбеди поддршка на малите и средните претпријатија, како и на домашни гринфилд инвестиции, а 500 милиони денари се наменети за поддршка во привлекување на донации од ИПА програмата за интензивирање на активности поддржани од Европската унија во предпристапниот период. 

Ребалансот на буџетот е на дневен ред и на собраниската Законодавно-правна комисија. 

Покрај комисиите за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија денеска во Собранието седница ќе одржи и Комисијата за труд и социјална политика која ќе расправа по предлог измените на Законот за исплата на платите.