Македонија

Хорор во Бутел: Пожар пеплоса три трафики и три возила, причините непознати

Само металната конструкција и пепелта останаа да сведочат за трите трафики од скопски Бутел кои доцна синоќа изгореа до темел.

16.07.2017 14:45:44
Само металната конструкција и пепелта останаа да сведочат за трите трафики од скопски Бутел кои доцна синоќа изгореа до темел. 

Пожарот избувнал ноќеска околу 1 часот на улицата „Ферид Бајрам“ во Скопје, спроти ОУ „Панајот Гиновски“, но за среќа нема повредени.

Пламените јазици зафалите и три автомобили кои биле паркирани на улицата. Изгореа товарно моторно возило „Ивеко“ и „Форд Транзит“ со скопски регистарации, и патничко возило „Опел Корса“ со странски регистарски ознаки.

Кога се случила експлозијата, од засега непознати причини, немало никој на улиците кои водат кон населбите Бутел и Чаир. Силниот звук од пламените јазици ги разбудија околните жители.

Пожарникари веднаш интервенирале во гаснење на пожарот, но од тоа што може да се види од снимките кои ноќеска ги направија локалните жители, тешко било да се спаси робата и електричните апарати во бараките. 

Пожарот кој беснееше доцна во ноќта без сон ги оставил локалните жители. Дел од нив растревожени не сакаа да зборуваат пред камерата на Алфа. Исплашени, велат дека ни на крај памет не им паѓало дека токму тука можело да настане такво нешто. 

Еден од сопствениците на бараките кој го затекнавме како ја расчистува пепелта, не сакаше да зборува пред камерата. Вели дека не сака никој да го сожалува, но бара да се расчисти случајот што е можно по скоро.
Дождот кој паѓаше денеска, барем малку помогна за чадот и непријатната миризба од пожарот да не се шират во околината. 

Од МВР денеска излегоа со штуро соопштение, во кое се наведува само дека имало пожар во Бутел каде изгореле трафики и возила. За Алфа потврдија само дека во текот на денов полицијата ќе врши увид на лице место. 

Сопствениците на трафиките се уште не се познати. 

Борис Грујоски