Македонија

Скандал во МВР: Партизација во полицијата - полициски службеници треба да бараат саморазрешување

Раководни лица од МВР испратиле писма до полициски службеници, инспектори и началници, во кои им наложуваат самите да поднесат барање до министерството да бидат поставени на пониски позиции.

15.07.2017 16:26:02
Нов скандал во полицијата. Раководството од МВР испратило писма до полициски службеници, инспектори и началници, каде им се наложува самите да си поднесат барање до Министерството да ги разреши и да бидат поставени на пониски позиции, информира Македонскиот полициски синдикат.

- Доколку не поднесат барање, ќе биле разрешени на поинаков начин, понеповолен за нив, стои меѓу другото во соопштението испратено од синдикатот.

Ваквата постапка е спротивна со нормите пропишани во Колективниот договор на МВР и Законот за внатрешни работи, додаваат од Синдикатот, кој е подготвен во целост да застане во одбрана на интересите на членството.

Оваа практика за распоредување на полициски службеници на неколку работни места хиерархиски плус или минус на МВР, е практика воведена од Оливер Спасовски уште во времето кога беше технички министер.
Токму тој ги разрешил началникот на Централната полициска служба, Горан Георгиевски, началникот на Специјалните единици, Митко Пешов, како и 30-ина други професионалци од МВР. 

Колку за потсетување, Спасовски тогаш ги смени началниците што обезбедуваа докази за предметот „Поткуп“ за неговиот претпоставен Зоран Заев и за „Фабрика за афери“ за Закир Бекири Чауш, односно началниците на одделите за организиран криминал. Беа сменети и седум началници на регионалните сектори за внатрешни работи, како и командантот на „Алфите“. Тогашните смени вон системот за кариера во МВР, со унапредувања дури и на по 7 скалила на горе, вработените ги оценија како „најлошите осум месеци на Министерството“.

Борис Грујоски