Економија

Во Грција поевтино со туристичка агенција, отколку преку резервација на интернет

Се потешко е преку интернет да се резервираат евтини аранжмани на дестинациите во Грција. За разлика од минатите години кога Македонците масовно резервираа преку сајтовите како Booking и Airbnb, годинава поисплатливо е да отидете на одмор преку нив.

15.07.2017 16:27:46
 Се потешко е преку интернет да се резервираат евтини аранжмани на дестинациите во Грција. За разлика од минатите години кога Македонците масовно резервираа преку сајтовите како Booking и Airbnb, оваа година поисплатливо е да отидете на одмор преку туристичките агенции. На интернет порталот Booking, најпосетуваните летувалишта на Халкидики, како Ханиоти и Пефкохори, во топ сезоната на почетокот на август денеска чинат од 664, односно 765 евра за 10 ноќевања за двајца. Нешто поевтини се островите. 10 дена на Закинтос можат да се резервираат од 540 евра за двајца, а на Крф за 350 евра, но до таму ќе треба да платите повеќе за превоз. Се чини дека и туристите од другите држави со подлабок џеб не резервираат така масовно на интернет како некогаш. Ако лани во јули беше невозможно да се најде слободен апартман за август, сега изборот е преголем. 

Цените кои ги нудат домашните туристички агенции за целосен пакет аранжман се пониски од оние на интернет кои вклучуваат само ноќевање или евентуално појадок. Македонските тур оператори велат дека интересот кај граѓаните е голем, исто како и бројот на дестинации.

Макотрпен е и патот за да стигнете до саканата дестинација. Откако неколку српски медиуми објавија дека грчката царина им запленила огромно количество храна на туристите, паника завладеа и кај Македонците кои планираат да летуваат во Грција. Прашуваат што смеат да понесат кога одат на одмор и во колкави количини. Туристите кои патуваат со полни мини фрижидерчиња или разладни торби треба да внимаваат на количината и да носат храна со потекло од ЕУ. Дозволено е да се носат максимум 40 цигари, 1 до 2 алкохолни пијалоци зависно од јачината, до 2 кг бебешка или храна за миленици и до 5 кг овошје и зеленчук.

Утрово очекувано големи долги колони од возила чекаа да ја поминат македонско - грчката граница. Туристите велат дека чекале околу еден час за да го сторат тоа. Инаку цените во Грција годинава се нешто повисоки од ланските, особено на алкохолните пијалоци и цигарите. Во поевтините маркети, леб може да се купи за едно евро, млекото чини и до 2.5 евра, јогуртот до 4 евра, додека за пакување од 6 шишиња газирана вода чини едно евро.

Тања Попова