Спорт

Пред пријателската средба извинување од Бугарите

Македонската кошаркарска репрезентација продолжува со подготовките за пред квалификацискиот циклус за пласман на Светскиот шампионат, дел од кои е вечерашниот дуел со Бугарија.

15.07.2017 14:24:28
Истиот ќе се одигра во Спортскиот центар Борис Трајковски со почеток од 20 часот и 30 минути и е третата контрола во низа за момците под раководство на Јорданчо Давитков.

Првите два пријателски натпревари, оние со Словачка, минаа неславно откако на првата средба загубивме додека втората беше прекината по 25 минути игра со што дуелот со Бугарите е шансата за првата победа во подготовките.
Кошаркарите од 20 до 22 месецов ќе одиграат и натпревари со Босна и Херцеговина, Португалија и Холандија како дел од Трофеј Македонија, а контролните средби завршуваат со нов дуел со бугарија овој пат на гостински терен.

Предквалификацискиот циклус за Светскиот шампионат во Кина во 2019-тата стартува на 2 август со гостување во Косово, по што на 12-сети ја пречекуваме Естонија.

Вечерашниот натпревар со селекцијата на Бугарија стартува од 20 часот и 30 минути и влезот во Спортскиот центар Борис Трајковски е слободен за сите љубители на кошарката.

Дополнително од Кошаркарската федерација на Македонија известија дека примиле официјално извинување од бугарската федерација за испадот на нивниот кошаркар Павел Маринов кој Македонија на фејсбук ја нарече Југозападна Бугарија. 

Самиот кошаркар извинувањето до македонска јавност го пренесе токму преку социјалната мрежа.