Црна хроника

Службите утврдуваат идентитет на нови загинати од Македонија кои се бореле за ИД

Идентитетот на загинатите како и информации кога ја напуштиле земјата и од кога им се приклучиле на Исламска држава, дали заедно заминале, како и дали имале меѓусебни контакти во Македонија засега се непознати.

14.07.2017 17:59:57
Шест млади скопјани кои се бореле на страната на Исламска држава, периодов се убиени во Ирак и Сирија. Постојат информации засега неофицијални дека џихадистите од Македонија, учествувале во борбите во Мосул и Дар ел Зоро, каде и биле убиени. 

Неофицијалните информации допрва се испитуваат па затоа надлежните истражни органи не можеа да ја потврдат оваа информација до која дојде Алфа. Идентитетот на загинатите како и информации кога ја напуштиле земјата и од кога им се приклучиле на Исламска држава, дали заедно заминале, како и дали имале меѓусебни контакти  во Македонија засега се непознати. Според досегашните информации на безбедносните служби само од Балканот има преку 1.000  борци кои биле или сè уште се на боиштата во Сирија. 60% од нив се веќе вратени, во своите земји. 

Македонските безбедносни служби до сега имаат разбиено три терористички келии на повратници од Сирија, две во Македонија и една во соработка со турските безбедносни служби.

 Заканите од Исламска држава кон Балканот се повторно актуелни, иако засега само преку гласилата на џихадистите. Во најново издание на списанието „Румијах“,Исламска држава повторно ги повика симпатизерите да ги убиваат сите оние, кои според нив „не ги почитуваат правилата на Алах“.



Катерина Гетева