Балкан

Грција и Србија потпишаа повеќе договори за соработка

Грција и Србија денеска во Солун потпишаа договори за сораборка во сферата на енергијата, транспортот, мрежите и туризамот во рамките на првиот состанок на Совет за соработка на високо ниво.

13.07.2017 15:29:35

Грција и Србија денеска во Солун потпишаа договори за сораборка во сферата на енергијата, транспортот, мрежите и туризамот во рамките на првиот состанок на Совет за соработка на високо ниво.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, по заседанието на Советот и средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека двете земји ја зајакнуваат стратешката соработка во критичен временски период за иднината на поширокиот регион.

- Има нови можности и има потреба нашиот регион подобро да се координира на меѓународно ниво, рече тој и додаде дека е многу важно што грчко-српскиот Совет за соработка на високо ниво се одржува во Солун, затоа што „градот стана дипломатски центар за меѓубалканска соработка“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, грчкиот премиер се осврна и на улогата на Грција како еден од трите најважни инвеститори во Србија и го најави поврзувањето на двете земји преку железничката линија Пиреја-Солун-Белград.

Покрај ова, Ципрас го објави потпишувањето на меморандумот за разбирање за културна соработка, како и надградба на политичкиот дијалог и воената соработка на образовно ниво. Потпишаните договори, исто така, вклучуваат и зајакнување на соработката во врска со тероризмот, трговијата со луѓе и миграцијата.

Грчкиот премиер истакна дека Грција е клучен столб на стабилноста во Југоисточна Европа и ги наведе позитивните економски резултати на Грција.

На крајот тој најави дека на покана на Вучиќ, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос следната есен ќе го посети Белград.

Ципрас попаднево во Солун ќе се сретне и со бугарскиот премиер Бојко Борисов, а потоа ќе се одржи и трилатерален состанок со Вучиќ. Тројцата државници потоа ќе имаат заеднича прес-кнеренција, по што Ципрас ќе се сретне и со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, кој ќе добие почесен докторат на Универзитетот Аристотел во Солун.