Црна хроника

Истрагата за осквернавените гробови во Љуботен стигна до никаде

Скудните информации од истражните органи дека е разговарано со локалното население и дека е направен записник не им влеваат многу надеж на мештаните дека овој вандализам ќе има разрешница.

12.07.2017 17:51:14
Отпечатоци од прсти од расфрланите надгробни крстови и траги од стапалки од мермерните плочи на православните гробови се единствениот доказ на полицијата со што би можеле да откријат кој ги сквернавел православните гробови, во селото Љуботен, во понеделникот попладнето.

Скудните информации од истражните органи дека е разговарано со локалното население и дека е направен записник не им влеваат многу надеж на мештаните дека овој вандализам ќе има разрешница. Во телефонски разговор денеска ни кажаа дека ништо нема да ги спречи во намерата овој грозоморен чин да има завршница и да се открие кој ги искрши гробовите. 

Утре дел од жителите биле повикани на разговор во полициската станица во Бутел, но средбата велат дека најверојатно ќе биде да се смири револтот отколку да се истера вистината на виделина. 
Жителите на Љуботен во понеделникот попладнето затекнаа ужас на селските гробишта каде се закопани нивните блиски. 27 од 30 гробови некој во целост ги уништил, искршени надгробни плочи, откорнати клупи и крстови. Пред камерата на Алфа сведочеа дека и порано се случувале помали инциденти но вакво сквернавење на почивалиштето на мртвите никогаш немало. Разочарани се од надлежните, бидејќи како што велат ги дискриминира. 

Љуботен е село во околината на Скопје со поголем број албанско население, вчера жителите кои ги затекнавме на гробишта се плашеа дури и да посочат кој би можел да ги искрши грбовите, зашто како што велат добиваат закани.



Катерина Гетева