Црна хроника

Фалсификаторите на пари најлесно прават лажни 500 денари и 50 евра

Според извештајот на Бирото за јавна безбедност, за 2016 година, најмногу се фалсификувале денари, помалку евра а најмалку американски долари.

09.07.2017 17:21:34
500 денарки и 50 евра, овие банкноти најлесно им оделе од рака на фалсификаторите. Апоени кои  најчесто се користат и се најзастапени во промет, а нивното фалсификување и не е така скапо. Ова го утврдила истрагата на полицијата, која лани им го скратилa бизнисот со фалсификување пари на 98 лица, од кои 2 ца од Грција. 

Според извештајот на Бирото за јавна безбедност, за 2016 година, најмногу се фалсификувале денари, помалку евра а најмалку американски долари. За разлика од 2015 година кога најмногу биле фалсификувани евра, минатата година најмногу се фалсификувани денари и тоа во промет биле пуштени 159 лажни банкноти.

Бизнисот на криминалците со фалсификувани пари имал и одредени градови каде во оптек ги пуштале лажните пари. Полицијата утврдила дека лажни 500 денарки се пуштале во Охрид, Струга и Македонски Брод. Од странските валути најчесто 50 евра во пограничните градови со Република Бугарија и тоа Куманово, Крива Паланка и Струмица.

Според истражните органи фалсификаторите се определуваат за растурање банкноти кои се често во промет, бидејќи апоените кои ретко се појавуваат предизвикуваат сомнеж и внимателно се примаат. Најмногу се контролираат крупните банкноти. 
Од МВР велат дека граѓаните тешко може да препознаат фалсификувана банкнота, а понекогаш тоа е тешко и за банкарските работници доколку не ја проверат на апарат, или да се споредат со банкнота за која се знае дека е оригинал.

За заштита на денарот се користат нови технолошки постапки, а најсовремен е применет на новите апоени од 200 и 2000 денари. Од странските валути, се смета дека најдобро заштитена од фалсификаторите е банкнотата на швајцарскиот франк.


Катерина Гетева