Економија

Владата се задолжи со 27 милиони евра, утре доспеваат за враќање 7.8 милиони евра

И на почетокот на јули Владата продолжува да се задолжува на домашниот пазар и тоа повеќе од очекуваното. Иако бараше 25 милиони, на денешната аукција на државни хартии од вредност беа продадени 6 и 12 месечни државни записи и 15 годишна обврзница во

04.07.2017 17:57:27
 И на почетокот на јули Владата продолжува да се задолжува на домашниот пазар и тоа повеќе од очекуваното. Иако бараше 25 милиони, на денешната аукција на државни хартии од вредност беа продадени 6 и 12 месечни државни записи и 15 годишна обврзница во вредност од 27 милиони евра или речиси 20 милиони повеќе од 7.8 милиони евра што достасуваат утре за враќање. Од министерството за финансии соопштија дека парите ќе бидат искористени за финансирање на буџетскиот дефицит. Министерот Тевдовски во повеќе наврати зборуваше дека ќе се намали бројот на аукции, но ќе се зголемува сумата која ќе се бара на домашниот пазар главно поради пониските камати. Денеска цената на хартиите од вредност варираше од 1.45% до 3.8%. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека власта се задолжува повеќе од планираното. 

„Со последната аукција, за само еден месец, владата предводена од СДС ја задолжи државата со над 60 милиони евра по основ на издавање на државни хартии од вредност. Од овие 60 милиони евра граѓаните досега не видоа ништо. Минималната плата не е покачена на 16.000 денари како што ветуваше Заев, ниту пак просечната плата се покачи на 30.000 денари. Докторите сеуште ги очекуваат ветените 100.000 денари плата, а нема отпочнато ниту 1 километар од новите 500 километри автопат кои СДС ги ветуваа како капитална инвестиција“ - велат од партијата.

Министерството за финансии најави и ребаланс на буџетот. Извршувањето на буџетот во првата половина од годината не е според очекувањата – покажува најновиот извештај на министерството. Потфрлиле буџетските приходи, но и трошењата биле помали. Државата собрала 46.3% од планираните приходи, а потрошила 45% од планираното за цела година. Дефицитот изнесувал 113 милиони евра од предвидените 302 милиони за 2017-та. По основ на даночни приходи и социјални придонеси се собрале 89 отсто од планираното за 6 месеци. Владата најмногу трошела за тековни трансфери до вонбуџетските фондови, односно за пензии и здравствено осигурување. До Фондот за пензиско и инвалидско осигурување трансферирани се 211 милиони евра, а до Фондот за здравство префрлени се 42 милиони евра. За земјоделски субвенции биле потрошени 57,7 милиони евра. Поради законските пречки капиталните расходи потфрлија, односно на нив отпаднале безмалку 30% од планираните пари за цела година.


Тања Попова