Култура

Почна 13. Меѓународен фимски фестивал „Астерфест“

Лауреатот, македонскиот актер Коле Ангеловски, пред доделувањето на наградата изјави дека е среќен што е дел од „Астерфест".

27.06.2017 12:15:10

 Со доделување на наградите на годинешните лауреати Џеки Шепард и Коле Ангеловски, синоќа почна 13. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“ посветен на кратката филмска форма кој годинава се одржува под мотото „Меѓу фактот и фикцијата“.

Лауреатот, македонскиот актер Коле Ангеловски, пред доделувањето на наградата изјави дека е среќен што е дел од „Астерфест".

-Јас сум слушал и читал за „Астерфест", но првпат сум тука како гостин и како лауреат. Изгледа тоа доаѓа со годините, на одредена возраст добиваш награда. Од она што видов од програмата станува збор за силни филмски остварувања. Се надевам дека ќе има доволно публика, за да не бидат приватни филмски проекции, рече Ангеловски.

Познатата продуцентка Џеки Шепард истакна дека е почестена што е тука. - Секогаш е добро да се присуствува на филмски фестивали низ светот. Така запознаваме различни националности, слушаме различни приказни, запознаваме многу нови филмски продуценти. Значи многу сум возбудена што сум тука, рече лауреатот Шепард.

Новото фестивалско издание за отворено го прогласи вршителот на должност градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.

Под струмичкото ѕвездено небо на некогашниот Астраион, АстерФест, посочи, блеснува како еден од најзначаните културни белези на овој град кој изобилува со докажани меѓународни културни манифестации.

- Ако кон тоа ги додадеме и другите ангажмани на полето на седмата уметност на „Тивериополската филмска алијанса“, како и последните успеси осведочени со неколку награди од меѓународни филмски фестивали, кои ги доби филмот „Златна петорка“ на нашиот сограѓанин, режисерот Горан Тренчовски, идејниот творец на АстерФест, тогаш може да се констатира дека Филмот во Струмица е жив и дека тој достигнува високи позиции во нашето севкупно културно милје, рече Костадинов.

Во текот на петте фестивалски денови кои ќе завршат на 30 јуни, публиката ќе има можност да погледне 40 ексклузивни кусометражни играни и документарни филмови во официјалната програма, Анимоушн, Глобална фикција и Ѕвездени документи, како и во ревијалните програми Мувиленд, Мери- Дионс, Посвети и Оберхаузен на турнеја.

Фестивалот продолжува во денеска во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ во Вељуса, каде се одржуваат портрети и беседи за лауреатите.

Вечер на програмата е темата „Флобална фикција" на кратки играни филмови.

За наградите ќе одлучува меѓународно жири во кое членуваат филмските автори: Наталја Алтхаузер од Германија, Елена Мелончели од Италија и Срѓан Финк од Холандија.