Сцена

Принцот Хари сакал да се повлече од британското кралско семејство

Британскиот принц Хари, помладиот син на престолонаследникот, принцот Чарлс и покојната принцеза Дијана, призна денеска дека во еден период размислувал да се повлече од кралското семејство.

25.06.2017 14:23:02

 Британскиот принц Хари, помладиот син на престолонаследникот, принцот Чарлс и покојната принцеза Дијана, призна денеска дека во еден период размислувал да се повлече од кралското семејство.

Во интервју за неделникот „Меил он Сандеј“ Хари изјави дека размислувал и да се откаже од титулата што му следува според раѓањето и да стане само обичен, британски граѓанин.

- Сепак, на крајот решив да останам и да ја задржам и понатаму улогата што ми припаѓа, посочи 32-годишниот принц.

Хари е петиот во редот на претендентите на британскиот престол, по татко му, постариот брат, принцот Вилијам и неговите две деца - Џорџ и Шарлот.

Во интервјуто тој признава дека престојот и работата во редовите на британската армија бил периодот на „најдоброто бегство кое било кога го направил“.

Младиот принц два пати, во сосема кусо време во разговори за два весника - американскиот неделник „Њузвик“ и сега британскиот, проконзервативен весник „Меил“ зборува за своите дилеми како дел од кралското семејство, но и за неговата улога и позиција во општеството.

Хари инсистира дека кралското семејство не сака да биде група од познати и популарни лица во јавноста, туку дека сакаат и настојуваат нивната улога (во општествто) да биде за општото добро на луѓето.

Десет години принцот Хари беше во редовите на армијата, а на два пати на служба во Авганистан, во базата „Бастион“ во провинцијата Хелманд, една од најопасните во оваа средноазиска земја.

Мораше да се повлече од базата и службата во Авганистан, откако медиумите открија дека еден од членовите на посадите на хеликоптерите „Апачи“ е британскиот принц.

Во неделникот „Њузвик“ Хари минатата недела тврдеше дека никој од семејството не е во трка за британскиот трон, забележувајќи дека „никој не сака да биде крал или кралица“.