Македонија

Чавушоглу: Македонија заслужува прием во НАТО

Македонија ја заслужува најмногу од сите кандидати можноста за прием во НАТО Алијансата. Целата ситуација околу прашањето за името ја сметам вештачка и со тоа и се нанесува неправда на Македонија.

18.06.2017 16:49:14
Македонија ја заслужува најмногу од сите кандидати можноста за прием во НАТО Алијансата. Целата ситуација околу прашањето за името ја сметам вештачка и со тоа и се нанесува неправда на Македонија. Ние ги поттикнуваме сите членки да соработуваат со Македонија, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на денешната заедничка прес - конференција во Скопје со неговиот македонски колега Никола Димитров.

Чавушоглу  додаде дека Анкара ќе го поддржи секое решение што е прифатливо за Македонија и Грција, и нагласи дека тука е битна одлуката на Македонија.

Шефот на македонската дипломатија Димитров, пак, нагласи дека од правен аспект во спорот за името ситуацијата е чиста.

- Ние во правна смисла имаме чиста ситуација. Имаме Времена спогодба од 1995 година и пресуда од Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 2011 година каде што Македонија не би требало да има пречки да добие покана и да се зачлени во НАТО Алијансата доколку тоа се одвива под привремената референца. Јас ќе се обидам да укажам и да убедам дека и во интерес на Грција е ова да се направи. Ќе се обидам кон правните аргументи да додадам што е можно повеќе политички аргументи. Ова е многу важно и за нас како држава, но и за целиот регион. Нашето членство во НАТО ќе има позитивно влијание на смирување и на стабилизирање на нашиот регион, рече Димитров.  

Чавушоглу денеска порано се сретна и со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а треба да разговара и со премиерот Зоран Заев.