Македонија

Иванов-Чавушоглу: Продлабочување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција

Претседателот Ѓорге Иванов и турскиот министерот за надворешни Мевлут Чавушоглу на денешната средба во Скопје разговарале за натамошното продлабочување на соработката меѓу Македонија и Турција.

18.06.2017 16:45:48
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и турскиот министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на денешната средба во Скопје разговарале за натамошното продлабочување на билатералните односи и зголемување на соработката меѓу Македонија и Турција.

Двајцата соговорници, како што соопшти кабинетот на Иванов, изразиле задоволство од традиционалното пријателство и партнерство, како и од интензивната комуникација и соработка во сите сфери од заеднички интерес, кои се потврда за одличните односи меѓу Република Македонија и Република Турција.

Изразувајќи благодарност за цврстата и принципелна поддршка на Република Турција во однос на нашите стратешки цели, претседателот Иванов нагласил дека Република Македонија високо ја вреднува поддршката од Турција за употребата на уставното име на Република Македонија и интеграцијата на земјата во НАТО.

- По решението на политичката криза време е да се создаде нов поттик за членството на Република Македонија во НАТО. Како и досега, ја очекуваме вашата отворена и гласна поддршка, истакнал на средбата претседателот Иванов.

Министерот Чавушоглу ја реафирмирал поддршката што Република Турција ја дава на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, укажувајќи дека Република Турција ќе биде доследна на таа континуирана поддршка.