Македонија

Потпишан договорот за изградба на Клиничкиот центар Мајка Тереза

Италијанската ИНСО системи и домашните компании Гранит и Бетон имаат рок од 45 месеци да го завршат најголемиот проект во здравството досега. Вредноста на објектот е околу 72 милиони евра, пари од Банката на Советот на Европа

19.05.2017 17:42:49
Со потпишување на договорот за изградба, се поблизу е стартот на градежните работи за новиот клинички центар – италијанската ИНСО системи и домашните компании Гранит и Бетон имаат рок од 45 месеци да го завршат најголемиот проект во здравството досега. Вредноста на објектот е околу 72 милиони евра, пари од Банката на Советот на Европа. Проектот е работен 4 години, а изработен е од тимови од италијанска ИНСО системи, заедно со консултанти од Шпанија, Германија, Грција.
„Со изградбата на новиот Клинички центар поставуваме нов стандард за квалитетот на здравствените услуги во Македонија. На проектирањето на новите објекти и инфраструктура на Клиничкиот центар четири години интензивно работеа тимови на проектанти од италијанска компанија, во соработка со меѓународни консултантски тимови составени од експерти од Шпанија, Германија, Грција и други западноевропски земји, со целосна поддршка на Банката при Советот на Европа“, рече меѓу другото Никола Тодоров, министер за здравство.
Според очекувањата, градежнте активности треба да стартуваат на средината на јуни. На потпишувањето на договорот присуствуваше и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски кој веста за договорот претходно ја објави на својот фејс бук профил.  „Она што го ветивме започнува да се реализира. Нашиот збор се исполнува“, напиша Груевски.

 „Со овој проект се овозможува највисоко ниво на квалитет на употребени материјали, висока функционалност и безбедност, при што врвен приоритет е третманот на пациентот и неговото олеснето движење и удобност во рамки на објектот. Задоволени се највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, објектите ќе бидат интегрирани и од аспект на современо автоматизирано и централизирано управување, ќе се применува пневматски транспорт на биолошки материјал, што досега воопшто го немаше во јавното здравство и бројни други најсовремени технологии при изградба на објекти од ваков тип“, Facebook статус на Никола Груевски, претседател на ВМРО – ДПМНЕ.

Постојниот Клинички центар „Мајка Тереза“ се состои од 32 клиники, во кои се вработени 3.400 лица. Годишно нив овие здравствени установи минуваат повеќе од 800 илјади пациенти и посетители или околу 2200 дневно. Новиот објект ќе биде на површина од речиси 47 илјади квадратни метри корисен простор, тераси, градини. Клиничкиот центар ќе се состои од подземно ниво, приземје, девет ката и современ хелиодром за транспорт на пациенти на десеттото ниво. 

Елена Ставровска - Севриевска